Столтенберг: Нема непосредна воена закана од Русија

од Milan1
658 прегледи

Не постои „непосредна воена закана“ од Русија за земјите-членки на НАТО, откако Кремљ ги обвини западните земји дека сакаат ескалација на војната во Украина, изјави во петокот генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Сѐ додека не ѝ даваме на Москва или на другите престолнини на земји кои потенцијално би можеле да нѐ нападнат причини за недоразбирања или погрешни пресметки, нема воена закана за земјите од НАТО“, тврдеше Столтенберг на прес-конференција одржана во Стокхолм заедно со шведскиот премиер Улф Кристерсон.

На прашањето за можноста Русија да ја тестира посветеноста на земјите од НАТО за одбрана на која и да е од нив во случај на напад, во согласност со член 5 од договорот, Столтенберг одговори: „Не гледаме непосредна воена закана против која и да е земја на НАТО. Затоа и не веруваме дека нашиот член 5 ќе биде ставен на проба“, додаде генералниот секретар, кој престојува во Шведска, земја која влезе во НАТО во април.

Овие изјави уследија по новите тензии меѓу Русија и земјите-членки на НАТО кои најавија зајакнување на воената поддршка за Украина и овозможување оружјето коешто му го испорачуваат на Киев да се користи за напади длабоко во територијата на Русија, па дури и испраќање војници на земјите членки на западниот воен блок на боиштето во Украина.

Кремљ неодамна ја критикуваше Атлантската алијанса за започнување на „нов циклус на ескалација“ по одлуката, во прв ред, на Соединетите држави да му дозволат на Киев да извршува напади со американско оружје против цели во Русија, наводно за одбрана на украинскиот град Харков, кој инаку е населен со мнозинско руско население а последните седмици руските единици напавија значителни пробиви во овој пограничен регион.

Франција во четвртокот вечерта објави дека ќе испрати борбени авиони „Mirage 2000-5“ во Киев, а руската влада верува дека Франција е „подготвена директно да учествува во конфликтот“.

Улф Кристерсон најави дека и шведски борбени авиони ќе бидат дел од силите за надзор на воздушниот простор на Алијансата, главно со нивните „Gripen“ во областа на Балтичкото Море.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој е во посета на Франција, уште еднаш ги повика своите западни сојузници „да направат повеќе“ за да му помогнат на Киев да се соочи со руската инвазија.

Слични содржини