Столтенберг: Почна нова офанзива, Путин сепак би ја контролирал Украина

од Radmila Tasevska
196 прегледи

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денес изјави дека нова голема руска офанзива против Украина веќе започнала, речиси една година откако Москва ја започна војната.

Тој изјави дека „не може да се види знак“ дека рускиот претседател Владимир Путин се подготвува за мир, пренесува Ројтерс.

„Гледаме дека претседателот Путин и Русија сè уште сакаат да ја контролираат Украина. Гледаме дека испраќаат повеќе војници, оружје и капацитети“, рече Столтенберг.

Генералниот секретар додаде дека НАТО планира да ги зголеми планираните залихи на муниција во магацините, кои се испразнети поради војната во Украина.

„Во војната во Украина се трошат огромни количества муниција, што ја оптоварува нашата одбранбена индустрија. Мораме да го зголемиме производството и инвестициите во нашите производствени капацитети“, рече Столтенберг, додавајќи дека НАТО ќе биде со Украина сè додека е потребно.