Членките на НАТО продолжуваат да ги користат сите дипломатски мерки за решавање на кризата во Украина, но не гледаат знаци на деескалација, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
На прес-конференција по состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО, тој повтори дека иако Русија тврди дека нејзините трупи се повлекуваат од границата со Украина, ситуацијата на терен го покажува спротивното „и тоа секој може да го види од снимки од комерцијални сателити”.
– Русија се обидува да создаде изговор за инвазија на Украина, изјави генералниот секретар на НАТО.
– Членките на НАТО и обезбедуваат на Украина инструктори, воена опрема, разузнавачки информации и значителна финансиска помош, додаде тој.
Столтенберг рече дека НАТО сè уште не го добил одговорот од Русија во врска со европската безбедност, документ за кој официјална Москва соопшти дека денеска ќе го достави до Вашингтон.
Тој уште информира дека НАТО кон крајот на годинава ќе спроведе воена вежба во Грузија.
– ЕУ соопшти дека ќе одржи воени вежби во Грузија подоцна оваа година и НАТО ќе учествува во нив, рече Столтенберг на прашањето за можноста за воени вежби во Грузија во март.