Најмалку 150 танкери, вклучувајќи ги и оние што носат сурова нафта и течен природен гас (LNG), се закотвени во отворените води на Персискиот Залив над Ормутскиот теснец, а десетици други се стационирани од другата страна на тесниот морски премин, покажаа бротските податоци денска, откако нападите на САД и Израел врз Иран го втурнаа целиот регион во немири и неизвесност.
Танкерите се групирани во отворените води покрај бреговите на главните држави производители на нафта во Заливот, вклучувајќи ги Ирак и Саудиска Арабија, како и гигантот за течен природен гас Катар, процени Ројтерс врз основа на податоците за следење на бродовите од платформата MarineTraffic.
Бројни бродови се закотвени во ексклузивните економски зони (ЕЕЗ) на клучните земји од Персискиот Залив, вклучувајќи ги Кувајт и Обединетите Арапски Емирати, според MarineTraffic, а десетици товарни бродови се одделно групирани и закотвени во различни ексклузивни економски зони.
Околу 20 проценти од глобалната нафта, вклучувајќи ја и нафтата произведена од Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Ирак, Кувајт и Иран, поминува низ Ормутскиот теснец заедно со големи количини на течен природен гас од Катар.
Покрај тоа, најмалку уште сто танкери моментално се закотвени надвор од теснецот по должината на бреговите и сидриштата на Обединетите Арапски Емирати и Оман, заедно со десетици товарни бродови, според податоците на MarineTraffic.
По израелско-американскиот напад, неколку сопственици на танкери, нафтени компании и трговски куќи ги прекинаа испораките на сирова нафта, гориво и течен природен гас преку Ормутскиот теснец, а Техеран објави дека го затворил за пловидба, соопштија трговски извори во саботата.