На Волстрит во средата, берзанските индекси паднаа за повеќе од 1 отсто, бидејќи растот на цената на нафтата ги поддржа стравувањата од инфлација, додека западните лидери планираат нови санкции за да ја притиснат Русија да ја прекине војната во Украина.
„Dow Jones“ се лизна за 448 поени или 1,29 отсто, на 34.358 поени, додека S&P 500 падна за 1,23 отсто на 4.456 поени, а индексот Nasdaq 1,32 отсто, на 13.922 поени.
Падот на индексот е последица на стравувањата на инвеститорите дека порастот на цените на нафтата и гасот дополнително ќе ја зголеми инфлацијата, која веќе е на највисоко ниво во последните 40 години во САД, близу 8 отсто.
Вчера цената на барелот на лондонскиот пазар скокна за 5 отсто, на повеќе од 120 долари, откако рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва во иднина ќе бара од непријателските земји рускиот гас да го плаќаат во рубљи, а не во долари и евра.
Зголемувањето на цената на нафтата ги поддржа акциите на Волстрит во енергетскиот сектор, кои зајакнаа за 1,7 отсто, но речиси сите други сектори вчера паднаа бидејќи повисоките цени на енергијата негативно се одразија на потрошувачите и на многу деловни сектори.
Инвеститорите се внимателни и затоа што западните лидери деновиве во Брисел ќе одлучуваат за нови санкции против Русија за да ја принудат да ја прекине војната во Украина.
„Овие геополитички проблеми извршија притисок врз пазарот. Новиот силен раст на цената на нафтата ги принуди инвеститорите да бидат претпазливи. Прашањето за Русија ќе изврши притисок врз пазарот и тоа треба да се реши “, рече Стивен Масока, потпретседател на Wedbush Securities.
Во последниве денови, цените на акциите на Волстрит драстично се зголемија бидејќи американската централна банка минатата недела многу јасно сигнализираше за идното зголемување на каматните стапки за да се спречи инфлацијата.
Откако минатата недела ги зголеми клучните каматни стапки за 0,25 процентни поени, станува се појасно, според коментарите на голем број претставници на централната банка, дека ФЕД ќе ги зголеми каматните стапки за дополнителни 0,50 процентни поени на следната седница во мај.
И поради тоа ќе се зголемат трошоците за задолжување на потрошувачите и на многу деловни сектори, па се очекува забавување на растот на економијата.
Цените на акциите вчера паднаа и на европските берзи. Лондонски FTSE индекс се намали за 0,22 отсто, на 7.460 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 1,31 отсто, на 14.283 поени, а париски CAC 1,17 отсто, на 6.581 поени.