Студија: Покачувањето на нивото на морето може да доведе до катастрофални миграции

од Milan1
15 прегледи

Зголемувањето на нивото на морето поради топењето на мразот предизвикано од глобалното затоплување би можело да доведе до миграции на населението од крајбрежните области кон внатрешноста на континентот, што би било од катастрофални размери, предупредија авторите на најновата британска научна студија.

Милиони луѓе би можеле да бидат принудени да мигрираат, дури и ако зголемувањето на глобалната температура остане под 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа, се вели во студијата, објави „Гардијан“.

Топењето на мразот во Гренланд и Антарктикот се забрза четирикратно од 1990-тите години поради климатските промени, а како резултат на тоа се зголемуваат нивоата на морето и океанот, предупредуваат научниците. Целта поставена од меѓународната заедница во Парискиот климатски договор за одржување на порастот на глобалната температура под 1,5 степени е веќе речиси недостижна, но дури и ако употребата на фосилни горива драстично се намали за да се исполни таа цел, нивото на морето ќе продолжи да расте за еден сантиметар годишно до крајот на овој век, што е пребрз пораст за земјите да градат одбранбени бариери на своите брегови, се вели во студијата.

Топењето на мразот во Гренланд и Антарктикот би довело до зголемување на нивото на морето за 12 метри. „Доколку годишниот пораст на нивото на морето и океанот остане на околу еден сантиметар, тогаш би можело да има одреден степен на адаптација и подготовка за да се избегнат катастрофални миграции“, рече Џонатан Бамбер од Универзитетот во Бристол, пренесува Танјуг.

Тој додаде дека во најлош случај, земјите во развој како Бангладеш би поминале многу полошо од богатите земји со искуство во справување со големи бранови, како што е Холандија. Истражувачите предупредуваат дека дури и ако човештвото успее да ги отстрани емисиите на јаглерод диоксид од атмосферата и да ги врати температурите на планетата на прединдустриските нивоа, ќе бидат потребни стотици, ако не и илјадници години за мразот и глечерите да се обноват.

Слични содржини