Сушата ќе го „дотепа“ домашното производство на домат, пиперки и краставици

од Илинка Илиоска
206 прегледи

Македонското земјоделство допрва ќе ги почувствува последиците од пеколните горештини и од се поизразената суша. Проекциите се далеку од розови и навестуваат намалување на производството за дури 20-30% но и намалување на квалитетот на земјоделските и градинарски култури.

Последиците најверојатно ќе бидат тешки бидејќи за да ги преживеат ваквите жештини, на растенијата им треба наводнување. Екстремните суши и високи температури негативно влијаат на производите. Наводнуваме со студена вода а растенијата се прегреани и доаѓа до појава на разни болести и намалување на производството. Згора на тоа тешко е да се подготват производите за на пазар. За да работиме на нивните, стануваме во 4 ч. наутро и работиме до 10 ч. Потоа е претопло и е невозможно да се работи на нивите или под пластеник, вели во изјава за Локално, Крсте Митревски од село Стајковци кој со децении се занимава со одгледување на моркови, домати, пиперки, краставици, рукола и магдонос.

Според Ристо Велков, претседател на Регионалниот сојуз на земјоделци од Стрмица, последиците од сушата и високите температури најмногу ќе се почувствуваат во регионите каде има константен проблем со наводнување и искористување на водата.

Во голем број региони во земјава има недостиг на вода и тоа прави штети во производството и угинување на културите. Во струмичкиот регион наводнувањето се прави со пумпи. Има задоволителни количини на вода но што по неколку години?, вели за Локално, Велков.

Оттука како приоритетна ја посочува потребата од изградба на акумулации со што според него ќе се реши проблемот со наводнување на земјоделските површини.

Надлежните треба да размислуваат како да се изградат објекти кои ќе акумулираат вода за развој и опстанок на културите? Сите култури ги засега водата. Оваа година имавме проблем со пласманот на градинарските култури. Во светот има недостиг на храна а кај нас се нуди по ниски откупни цени што на крајот влијае на планирање на производството кое од ден во ден станува се поскапо. Сушата ќе го земе данокот. Ако нема акумулации и обезбеден пласман со задоволителни цени, неизбежно е намалување на производството особено на градинарските култури. Растението кое се одгледува во овој период од годината, може да опстане само доколку има 3-5 литри вода по корен на ден, објаснува Велков.

Како дополнителен проблем кој влијае на количините на прехранбените производи, земјоделците ги посочуваат ниските откупни цени од страна на трговците. Според Крсто од Стајковци, во моментов функционира единствено увозот, а за извоз не станува ниту збор.

Откупните цени за нас производителите се многу ниски а на пазарите истите тие производи се продаваат по цени кои се за 2-3 пати повисоки. Мојот морков го продавам по цена која е пониска од лани а трошоците ми се двојно зголемени, бидејќи поскапеа семињата, заштитните средства. Сметам дека се увезува се и сешто само да се создаде вишок на пазарите. Јас морковот на кванташки пазар го продавам за 15 денари за килограм а на зелените пазари се продава по минимум 40 денари. А таму нема земјоделци туку само прекупци кои за разлика од нас немаат никакви трошоци, реагира Митревски.

Новиот министер за земјоделие Трипуновски најави зголемен ангажман за Министерството и поголема грижа за земјоделците. Во оваа насока тој вети намалување на бирократските процедури кои им создаваат проблеми на земјоделците и забрзување на процесите со што според него, земјоделците би се посветиле само на производството. Како особено важна алка во решавање на проблемот со пласман на домашните земјоделски и градинарски производи, Трипуновски го посочи развивањето на земјоделски задруги а во месеците што следат се очекува измени да претрпи и законот за земјоделство и рурален развој.

К.В.С.

Слични содржини