Поради сушата земјоделскиот сектор во Романија бележи загуби од 2,8 милијарди евра, соопшти романското Министерство за земјоделство и рурален развој. Штетата од сушата во моментов се проценува на 1,8 милијарди евра, со загуби на посеви на пченка на околу шест милиони тони, пченица од еден милион тони, загуби од канола на 400.000 тони и загуби од сончоглед на 800. 000 тони.
На овие штети од 1,8 милијарди евра, се додаваат и трошоците за сеидба на 1,76 милиони хектари, со што вкупните загуби се искачуваат на 2,810 милијарди евра, изјави консултантот за извоз на земјоделски производи Цезар Георге.
Сушата погоди речиси половина од производството на пченица и пченка во Романија.
Резервите на вода во големи површини се речиси исцрпени, а во приближно 500 населени места се воведени ограничувања за водоснабдување на населението.
Експертите предупредуваат дека ќе се влошува ситуацијата, бидејќи климатските промени предизвикуваат огромни финансиски загуби не само на државата, која ќе мора да плати обесштетувања, туку и на земјоделците, кои имаат повисоки трошоци за сеидба, а од друга страна екстремно е намалено производство.