„Суверенитет во вселената“: Европа е загрижена за експанзијата на Маск

од Vladimir Zorba
361 прегледи

Шефот на Европската вселенска агенција (ESA) ги повика лидерите на континентот да престанат да ги олеснуваат амбициите на Елон Маск да доминира во новата вселенска економија. Шефот предупреди дека недостатокот на координирана акција значи дека американскиот милијардер „сам ги создава правилата на игра“.

Јозеф Ашбахер, новиот извршен директор на ESA, рече дека подготвеноста на Европа да помогне во брзото проширување на сателитската интернет услуга Starlink ризикува да ги попречи европските компании да го реализираат својот потенцијал.

„Просторот ќе биде многу порестриктивен [во однос на] фреквенциите и орбиталните слотови“, беше цитиран тој во публикација на Arstechnica. „Европските влади имаат интерес да им дадат на европските добавувачи еднакви можности за праведно учество на овој пазар“.

Германија неодамна поднесе барање до Меѓународната телекомуникациска унија (ITU), која ја координира употребата на безжични фреквенции за пренос на податоци, за да обезбеди спектар на Starlink за околу 40.000 сателити. Маск веќе има одобрение за повеќе од 30.000 сателити благодарение на американските регулатори.

Според Ашбахер, Starlink е веќе толку голема мрежа што е тешко за регулаторите или ривалите да ја достигнат или регулираат. „Постои едно лице кое поседува половина од активните сателити во светот! Ова е неверојатно. Всушност, тој ги создава правилата на пазарот. Остатокот од светот, вклучително и Европа, едноставно не реагира доволно брзо“, смета тој.

Starlink не е единствената компанија со амбиции да изгради приватна сателитска мрежа за интернет и други услуги. Во таа насока се движи и британскиот OneWeb, кинеската влада има планови за сопствена мрежа, проектот на Amazon Kuiper предвидува уште неколку илјади сателити на небото, а Русија се подготвува да изгради сопствен сателитски вселенски систем. Минатата година, Здружението за сателитска индустрија процени дека треба да очекуваме повеќе од 100.000 комерцијални сателити во ниската орбита на Земјата до 2029 година.

Загриженоста на Ашбахер беше поддржана од Франц Фајо, министер за економија на Луксембург, кој рече дека се потребни нови правила за да се обезбеди безбедно користење на просторот. „Има луѓе како Маск кои само лансираат соѕвездија од сателити во орбитата. Треба да воспоставиме заеднички правила. Колонизацијата или само правењето работи во целосно дерегулиран простор е проблем“, рече тој.

Во европскиот сателитски сектор доминираат традиционални оператори, кои се потпираат на многу мал број скапи сателити во висока орбита за да обезбедат услуги како што е ТВ пренос.

Во реалноста, не постои меѓународен регулатор за следење на заситеноста на орбитата на Земјата со приватни сателити. ITU ги координира радиофреквенциите, но тоа е сè – никој не го регулира и контролира лансирањето на сателитите и нивната „компресија“ на небото. Ова само ги зголемува стравувањата дека пренаселеноста на вселената околу Земјата го зголемува ризикот од судири кои би можеле да генерираат катастрофални количини вселенски отпад.

Астрономите, исто така, се загрижени дека огромниот број сателити ќе пречат на копнените телескопи и би можеле „да влијаат на изгледот на ноќното небо за набљудувачите на ѕвезди ширум светот“, се вели во извештајот на Американското астрономско друштво.

Според Ралф Динсли, основач на NORSS, кој следи објекти во вселената, фактот што Маск создава свои сателити и може да ги лансира со својата ракетна компанија SpaceX значи дека ги има сите шанси да ги заземе најпосакуваните орбитални позиции. „Со брзината со која ги става во орбитата, речиси ги има овие орбитални позиции, бидејќи таму веќе никој не може да влезе. Тоа создава суверенитет на Маск во вселената“.

Слични содржини