СВЕТОТ ГО НАДМИНА КРИТИЧНИОТ ПРАГ НА ЗАТОПЛУВАЊЕ: Дали е ова колапс на договорот за борба против климатските промени?

од Vladimir Zorba
390 прегледи

Минатата година беше најтоплата досега забележана на Земјата, а беше обележана со бројни температурни рекорди и временски екстреми. Во 2024 година зачекоривме во уште помрачна слика, соборувајќи ги рекордите за високи температури за овој период од годината

Просечната глобална температура од февруари 2023 до јануари 2024 година била за 1,52 °C повисока отколку во втората половина на 19 век. Ова е прв пат да се надмине долната граница на Парискиот договор во дванаесет последователни месеци. Иако ова не значи автоматска пропаст во нејзиното остварување, тоа би можело да биде предвесник на помрачна, пожешка иднина на планетата.

Во светлината на глобалното затоплување, месецот зад нас беше најтоплиот јануари во светот во изминатите осумдесет и четири години, објави Службата за климатски промени Коперник, што го прави осми месец по ред кој соборува рекорди.

Но јануари претставува само круна во изминатите дванаесет месеци во кои светот, како што пренесуваат медиумите, за прв пат во историјата на мерењата го надмина критичниот праг од Парискиот договор за ограничување на зголемувањето на температурата на 1,5 °C во споредба до прединдустриската ера (1850-1900), пишува Клима101.

Како што покажуваат податоците, просечната глобална температура од февруари 2023 година до крајот на јануари 2024 година била за 1,52 °C повисока отколку во втората половина на 19 век, или за 0,64 °C повисока во споредба со просекот од 1991 до 2020 година.

„Оваа година започна со уште еден рекорден месец. Не само што го забележавме најтоплиот јануари, туку и доживеавме дванаесет последователни месеци со просечна глобална температура над 1,5 °C во споредба со прединдустрискиот референтен период“, рече Саманта Бергес, заменик директор во Коперник.

Минатата година беше најтоплата досега забележана на Земјата, а беше обележана со бројни температурни рекорди и временски екстреми. Во 2024 година, зачекоривме во уште помрачна слика за климатските промени: јануари ја доби неславната титула најтопол јануари од претходниот рекордер, јануари 2020 година, кој беше потопол за 0,12 °C. Топлината продолжи низ целиот свет во февруари.

Во согласност со научните пресметки, претставници на речиси 200 земји се согласија во 2015 година во Париз дека ќе се стремат да го одржат глобалното затоплување далеку под 2 °C, а идеално на 1,5 °C. Метеоролозите од Велика Британија во декември 2023 година предупредија дека 2024 година би можела да биде првата календарска година што ќе ја надмине наведената долна граница од Парискиот договор.

Значи, дали првите дванаесет месеци (и потенцијално првата година како целина), кои се за 1,5+ °C потопли отколку во прединдустриската ера, значат автоматски колапс на клучниот договор во борбата против климатските промени?

Краткиот одговор е „не“, бидејќи Парискиот договор се однесува на повеќедецениски просечни температури. Но, некои експерти нагласуваат дека целите од овој документ се веќе надвор од нашиот дофат и повикуваат на побрза климатска акција за ограничување на ризикот од нивно надминување.

Сличен апел упати и Саманта Бергес, која рече дека единствен начин да се запре порастот на температурата е да се забрза намалувањето на емисиите на стакленички гасови.

Слични содржини