Повеќе од 2.000 луѓе биле затрупани во разорното лизгање на земјиште во Папуа Нова Гвинеја кое што се случи пред три дена, соопштија денеска (27.05) локалните власти.
„Свлечиштето затрупа живи повеќе од 2.000 луѓе и предизвика големо уништување“, напиша националната служба за цивилна заштита во писмото до канцеларијата на ОН во главниот град Порт Морзби, пренесува новинската агенција АФП.
Несреќата се случи во петокот рано наутро. ОН досега бројот на загинати го проценуваат на 670. Затрупани се околу 150 куќи, изјави Серхан Актопрак од Меѓународната организација за миграција (ИОМ). Потрагата по исчезнатите лица, според него, е „трка со времето“.
На местото на несреќата во провинцијата Енга вчеравечер требало да пристигнат тешки машини и багери, но нивниот транспорт е одложен поради борбите меѓу ривалските племиња долж единствената рута што не е блокирана од лизгањето на земјиштето.