СЗО предупредува дека е можно глобално во 2022 година да недостигаат до две милијарди шприцови за имунизација, што би влијаело на рутинските вакцинации и може да ја загрози безбедноста при аплицирањето вакцини, особено во посиромашните земји
Во 2022 година е можно светот да се соочи со недостиг од една до две милијарди шприцови потребни за давање вакцини против ковид-19, предупреди денеска Светската здравствена организација (СЗО).
Тоа може да влијае и на рутинските имунизации и да ја загрози безбедноста при аплицирањето вакцини, додаваат од СЗО, пренесува Ројтерс.
Националните здравствени власти треба однапред да ги планираат своите потреби за да избегнат „акумулација или панично купување“, како што беше забележано на почетокот на пандемијата со недостигот на лична заштитна опрема, рече експертот на СЗО, Лиза Хедман.
„Може да имаме глобален недостиг на шприцови за имунизација што, пак, може да доведе до сериозни проблеми како што се забавување на напорите за имунизација и да доведе до безбедносни грижи“,
рече Хедман.
Недостигот, додаде таа, може да доведе до одложување на рутинските вакцини, особено за децата, а исто така може да поттикне небезбедна повторна употреба на шприцови и игли, особено во посиромашните земји.
На глобално ниво, дадени се околу 6,8 милијарди вакцини против ковид-19, што е речиси двојно повеќе од бројот на рутински вакцини, рече Хедман, нагласувајќи дека вкупниот годишен производствен капацитет на шприцови за имунизација е околу 6 милијарди.
„Тоа значи дека светот може да се соочи со недостиг од една до две милијарди шприцови следната година“, рече Хедман.