Агенти на руската разузнавачка служба планирале серија терористички напади во Киев, каде што поставиле експлозивни направи во продавниците на познат синџир и во близина на кафуле, објавија украинските обвинители и тајната служба СБУ.
Според истрагата, осомничените требало да постават експлозивни направи во три трговски центри во главниот град и во автомобил паркиран до популарно кафуле во Киев, а потоа планирале да ги активираат.
Акцијата за апсење била извршена на паркингот на трговскиот центар, каде што осомничените планирале да го подметнат последниот експлозив. На двајцата осомничени им е одреден притвор.
Сите 15 експлозивни направи, кои биле маскирани како прехранбени производи, биле откриени и навреме неутрализирани од органите на редот, се додава.
Според контраразузнавачката служба на СБУ, организатор на терористичките напади бил Јуриј Сизов, вработен во руските специјални служби. Наводно тој лично им давал инструкции на агентите, па дури и снимал видеоинструкции за поставување експлозивна направа во една од продавниците на истиот синџир во московскиот регион, наведува СБУ.
Тие исто така велат дека Сизов бил одговорен и за извршување саботажа во Украина, што требало да се случи во регионот Лавов во февруари 2024 година. Тогаш СБУ исто така ги спречила експлозиите.