(ВИДЕО) Тајни договори во Санкт Петербург: Човекот на Трамп со рака на срце пред Путин

од Milan1
117 прегледи

Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, денес во Русија се сретна со рускиот лидер Владимир Путин.

Ова го пренесува руската агенција ТАСС, наведувајќи дека двајцата функционери ќе разговараат за нормализација на односите меѓу Вашингтон и Москва, како и за војната во Украина. Снимките објавени од Кремљ го покажуваат Виткоф како го поздравува Путин ставајќи ја раката на срцето, што подоцна беше објавено од руската агенција.

Виткоф пристигна во Русија во петок наутро. Во Санкт Петербург, тој прво одржа состанок со шефот на Рускиот фонд за директни инвестиции и рускиот преговарач Кирил Дмитриев. После тоа, во истиот град, тој се сретна со претседателот Путин.

Прес-службата на Кремљ објави видео од почетокот на состанокот, кое го пренесе и агенцијата ТАСС. На видеото се гледа како Виткоф го поздравува Путин со раката на срцето, по што се ракуваат.

Овој момент го истакна руската агенција, која наведе дека „Виткоф топло го поздравил Путин од далечина и ја ставил дланката на срцето“. „Кога рускиот претседател се приближи, имаше долго ракување кое траеше повеќе од десет секунди, а потоа разменија неколку зборови без преведувач“, ја опишува агенцијата средбата.

Виткоф е американски пратеник на Блискиот Исток. Пратеник за Украина е американскиот генерал Кит Келог, но, според американската телевизија „NBC“, Путин не сака да разговара со него. Затоа Трамп го испрати Виткоф, кој е поприфатлив за Русија, на такви преговори.

Неговата средба со Путин следеше кратко откако американскиот претседател Доналд Трамп напиша на мрежата „Truth Social“ дека „Русија мора да побрза“ бидејќи „илјадници луѓе умираат секоја недела“ во војната што ја води во Украина. Со тоа, тој алудираше на фактот дека Москва сè уште не го прифатила американскиот предлог за примирје, на кој Украина се согласи пред еден месец.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го најави состанокот во петокот рано попладне. Тој изјави дека разговорот ќе трае колку што е потребно.

„Еден час, два, три, четири, ако е потребно. Колку што му е потребно на претседателот Путин“, рече Песков.

Слични содржини