Тајван ќе продолжи да ги зајакнува одбранбените способности за да се осигура дека никој не може да го натера островот да го прифати патот што го постави Пекинг, кој не нуди ниту слобода ниту демократија, рече тајванскиот претседател Цај Инг-вен.
Тајван е под постојан воен и политички притисок да го прифати владеењето на Пекинг и да се стави под суверенитетот на Кина, но исто така се соочува со чести упади на кинески воени авиони во зоната на дејствување на тајванската противвоздушна одбрана, пренесе Ројтерс.
Кинескиот претседател Си Џинпинг во саботата вети дека ќе постигне „мирно обединување“ со Тајван и не спомена директно употреба на воена сила.
Сепак, следеше остра реакција на Тајпеј, нагласувајќи дека само тајванските граѓани можат да одлучат за иднината на Тајван.
Обраќајќи се на собирот по повод Денот на државноста, Цаи изрази надеж дека тензиите во Тајванското Море ќе се смират и повтори дека Тајван нема да „дејствува набрзина“.
„Никој нека нема илузии дека луѓето од Тајван ќе попуштат под притисокот. Ќе продолжиме да ја зајакнуваме нашата национална одбрана и ќе ја покажеме нашата решителност да се браниме за да се осигураме дека никој не може да го натера Тајван да тргне по патот што го навела Кина, која не нуди ниту слободен ниту демократски начин на живот“, рече таа во говорот пред претседателската палата во центарот на Тајпеј.
Кина му понуди на Тајван модел на автономија „една земја, два система“, сличен на Хонг Конг, но сите големи тајвански партии го отфрлија, особено по кинескиот државен удар и задушување на слободите во поранешната британска колонија.
Цаи ја повтори понудата да разговара со Кина врз основа на паритет, иако не следеше непосреден и директен одговор од Пекинг.
Официјален Пекинг не ја признава тајванската влада и одбива да соработува со претседателот Цаи, нарекувајќи ја „сепаратист која одбива да признае дека Тајван е дел од една Кина“.