Талибанците им забранија на девојчињата да се школуваат, но не и на своите ќерки

од Milan1
248 прегледи

Талибанските власти ги испраќаат своите ќерки во училиштата и покрај тоа што училниците се затворени за ученички. Високи функционери ги праќаат своите деца во странски државни училишта и универзитети, a не дозволуваат образование на милиони девојчиња во Авганистан откако ја презедоа власта, според извештајот на Авганистанската мрежа на аналитичари (ААН).

Член на преговарачкиот тим на Талибанците во Доха изјави дека тие ги запишале своите деца да одат на училиште во Катар.

-Бидејќи сите во соседството одеа на училиште и нашите деца го бараа истото, рече тој.

Ќерката на актуелниот талибански министер и поранешен член на советот на групата моментално студира медицина на универзитет во Катар, според ААН.

Се наведува дека двајца членови на канцеларијата на Талибанците во Катар ги оставиле своите деца во Доха кога се вратиле во Кабул за да не им биде попречено образованието.

– Талибанците и нивните семејства кои живеат овде во Катар имаат силни барања за модерно образование и никој не се противи на тоа ниту за момчиња ниту за девојчиња, од која било возраст, изјави за ААН талибански функционер кој претходно бил сместен во Катар.

Западна настава и религиозни студии

Некои функционери одлучија да ги испратат своите деца во училишта кои комбинираат „западно“ учење со религиозно образование, познат како систем Икра, во соседен Пакистан, каде што многу талибански лидери ги поминаа изминатите две децении во егзил.

Други талибански претставници ги запишаа своите деца во приватни пакистански училишта во Катар, кои ја следат пакистанската наставна програма, но сепак учат англиски јазик.

Авганистан е уништен од сиромаштија откако Талибанците ја презедоа власта. Милиони деца страдаат од неухранетост, според Светската здравствена организација, додека Обединетите нации предупредија дека 97 отсто од Авганистанците ќе живеат под прагот на сиромаштија.

Талибанците им забранија на девојчињата постари од 12 години во Авганистан да одат на училиште во повеќе од две третини од 34-те провинции во земјата.

Сепак, се вели дека некои милитанти се загрижени за влијанието на затворањето на училиштата во Авганистан врз иднината на нивните деца.

-Системот Икра е многу добар за талибанците кои сакаат да ги образуваат своите момчиња и девојчиња. Станува збор за исламски образовен систем кој предава и модерни училишни предмети и предмети од медреса, изјави за ААН талибански функционер во Пакистан.

-Повеќето наши пријатели бараа ваков тип на мешан систем, а откако овој систем беше воспоставен во некои градови како Карачи и Кета, ги испратија своите момчиња и девојчиња во тие училишта, додаде тој.

Тајно запишување

Други талибански функционери во Авганистан тајно ги запишале своите ќерки во приватни училишта и универзитети каде што посетуваат настава по предмети кои се сметаат за странски, вклучително и англиски и компјутерска писменост.

Во меѓувреме, талибанските лидери бараат образовани жени откако групата се врати на власт.

„Порано, ова не беше вообичаена практика, бидејќи многу малку жени беа писмени, но сега можете да најдете добро образовани жени насекаде“, рече еден талибански министер за ААН.

-Образованието им дава добар живот. На тој начин тие подобро знаат какви права имаат, а и можат подобро да ги обучуваат вашите синови и ќерки. Затоа денес е неопходна писмена жена, додаде тој.

Слични содржини