Тајванската војска соопшти дека пронашла остатоци од метеоролошки балон за кој се сомнева дека и припаѓа на Кина на оддалечен и воено стратешки важен остров во близина на кинескиот брег, во услови на спор меѓу Кина и САД за шпионските балони.
Рано утрото, тајванските сили забележале непознат објект како паѓа од небото на островот Донџин, дел од архипелагот Мацу, кој е контролиран од Тајван, во близина на брегот на кинеската област Фуџоу, а подоцна ги пронашле остатоците од балонот, јавува Ројтерс.
Во соопштението се додава дека објектот е со дијаметар од околу еден метар со кутија со инструменти означена со поедноставени кинески знаци, кои се користат во Кина, но не и во Тајван.
„Прелиминарната истрага утврди дека пронајдените останки се дел од метеоролошката опрема, која е преземена од соодветните оддели за понатамошно проучување“, соопшти тајванската војска.
Донџин се наоѓа на северот на Тајванскиот теснец на важен премин за сите кинески бродови кои се упатуваат кон југ од источната провинција Жеџијанг.
Голем дел од остатоците од кинескиот балон што беше соборен од американската војска на 4 февруари, беа извлечени во вторникот од Атлантскиот Океан во близина на брегот на Јужна Каролина.