Продажбата на нови автомобили во Германија во септември скокна за 14% во споредба со истиот месец минатата година. Евидентирани се вкупно 224.816 новорегистрирани возила.
И покрај тоа, во првите девет месеци Германците купиле 7,4% помалку автомобили отколку во истиот период во 2021 година. Во периодот јануари-септември годинава нови сопственици добиле 1.867.885 возила на четири тркала.
Во септември се зголеми и продажбата на електрични и plug-in хибридни возила (вкупно испорачани 72.725 единици), за 29%. Уделот на овој тип на автомобили во вкупната продажба исто така се зголеми на 32,3%.
Од нив, продадени се 44.389 електрични возила и 28.336 plug-in хибриди.
Најимпресивниот податок е дека во септември на клиентите им беа испорачани 9.846 примероци од Tesla Model Y, што го направи овој автомобил број еден најпродаван нов автомобил во Германија во септември, пред „вечниот“ бестселер, Volkswagen Golf (7.095 новорегистрирани примероци).