Највисокиот регулатор за заштита на податоци на ЕУ го казни ТикТок со 530 милиони евра поради загриженост за тоа како ги штити личните податоци на корисниците.
Регулаторот, исто така, ѝ наложи на платформата да го суспендира преносот на податоци во Кина доколку обработката на податоци не се усогласи со законите на ЕУ во рок од шест месеци, објави Ројтерс. Ирската комисија за заштита на податоци (DPC) соопшти дека ТикТок, кој е во сопственост на кинеската компанија „ByteDance“, не може да докаже дека личните податоци на корисниците од ЕУ се соодветно заштитени во согласност со законите на ЕУ.
„ТикТок“ објави дека ќе поднесе жалба на пресудата, тврдејќи дека ја користел законската рамка на ЕУ, особено стандардните договорни клаузули, за да овозможи строго контролиран и ограничен далечински пристап.
Тој исто така додаде дека пресудата не ги зема предвид мерките за заштита на податоците воведени во 2023 година, кои независно го следат далечинскиот пристап и обезбедуваат податоците на корисниците од ЕУ да се чуваат во наменски центри за податоци во Европа и САД.
„ТикТок“ изјави дека никогаш не добил барање од кинеските власти за податоци за корисници од ЕУ, ниту пак им доставил никакви податоци. Компанијата предупреди дека оваа пресуда може да постави преседан со далекусежни последици за компаниите и индустриите што работат на глобално ниво, објави „Танјуг“.