На Германија ќе и недостигаат три милиони квалификувани работници до 2030 година поради демографските промени, изјави за РСЕ Ерик Тоде, аналитичар во германската фондација Бертелсман.
Германските власти на почетокот на јуни воведоа „шанса карта“ за да го олеснат доаѓањето на странски работници.
„Предуслов е да имате најмалку двегодишно професионално образование и да можете да го документирате ова доколку сакате да дојдете во Германија како мигрант надвор од Европската унија. Исто така, потребно е да докажете основно познавање на германски или англиски јазик. многу е интересно што и англискиот е доволен за да се дојде во Германија, што надминува голема пречка од минатото бидејќи луѓето не сакаа да дојдат поради јазичната бариера“, истакнува Тоде.
Според него, недостатокот на квалификувана работна сила во Германија помалку или повеќе се чувствува во сите области.
„Се разбира во ИТ и комуникациската индустрија, но и во градежништвото, пред се во изградбата на инфраструктура за обновливи извори на енергија, машинско и електротехника. Исто така, во здравството, пред се грижата за старите лица. Тоа не е само недостаток на висококвалификувани експерти, но и на средно ниво на обука“, вели аналитичарот.
Тој додава дека недостигаат експерти со високо образование, магистри, па дури и докторати.
„Но, најголема потреба има работници со средно образование. Секако дека нема доволно ниту физички работници, пред се во градежништвото“, вели Тоде.
И додека на Германија и требаат се повеќе странски работници, нетрпеливоста кон нив исто така расте, што е илустрирано со подемот на екстремистичката Алтернатива за Германија, која беше втора по бројот на гласови на изборите за Европскиот парламент.
„Изборното тело на Алтернатива за Германија е доста хетерогено. Има многу гласачи кои гласаат од револт. Други се повеќе наклонети кон националистичка политика. Односот кон имиграцијата е само еден елемент од програмата на оваа партија. Затоа, тешко е да се зборува за преовладувачкиот однос во Германија против мигрантите, која не е земја која се противи на миграцијата, напротив, огромното мнозинство од нејзините граѓани се отворени за доаѓање на странски работници, оценува Тоде.