Толку пати била мажена, што морала да ги „гугла“ поранешните сопрузи, а денес ужива во прегратките на својот личен тренер

од Vladimir Zorba

Поранешната пејачка и членка на Atomic Kitten, Кери Катона изгледа го поминува најубавиот период во животот. Таа беше забележана како ужива на одмор со нејзиното момче и личен тренер Рајан Махони во Шпанија, додека гордо истакнува дека „симнала“ некој вишок килограми.

43-годишната Кери била видена како се весели во базенот со ќерките и дечкото, а парот одвреме-навреме се препуштал на нежности. Освен што се забавувале со скокање во базен, нуркање и други активности, Кери и Рајан ја користеле секоја прилика да разменат сочни бакнежи и прегратки.

Да потсетиме дека Кери се најде во центарот на вниманието во 2020 година, откако почна да ги споделува своите ексклузивни фотографии на платформата за возрасни OnlyFans. Таа призна дека се одлучила на овој потег бидејќи повеќе не може да си дозволи да ја плаќа киријата, а наводно заработила милион фунти од објавите на OnlyFans.

Поради финансиски проблеми морала да го продаде и скапоцениот свадбен подарок на поранешниот сопруг Брајан Мекфејден. „Не можев да ја платам ни киријата. Имав голем џубокс што го добив од Брајан и на него беше целата моја омилена музика. Но затоа што не можев да си дозволам да ја платам киријата, и иако џубоксот вреди околу 16.000 фунти, морав да го продадам за 1.900 фунти“, призна таа претходно во едно интервју.

Кери често знаеше да ја шокира јавноста со своите фотографии и видеа од социјалните мрежи, а отсекогаш била многу отворена за строгите диети и естетски зафати на кои се подложувала. Се започнало откако таа се породила и почнала да се бори со менталното здравје и проблеми со алкохолот. На крајот, таа успешно се ослободи од вишокот килограми со помош на нејзиното момче и личен тренер Рајан.

Кери Катона зад себе има три пропаднати брака. Со нејзиниот прв сопруг, Брајан Мекфејден од групата Westlife, таа имаше две ќерки – Моли и Лили-Сју, во бракот со таксистот Марк Крофт, таа имаше ќерка Хајди и син Максвел, а со третиот сопруг , рагбистот Џорџ Кеј, ја има ќерката Дилан-Хорхе. Тие се разделија во 2015 година, а тој почина во 2019 година од предозирање.

Во една прилика се пошегува дека толку пати била мажена што морала да ги „гугла“ поранешните сопрузи за да ги памети сите.

„Половина од времето морам да го прогуглам затоа што не можам да се сетам со кого бев во брак. Ги гледам моите деца и ги прашувам – „чии сте вие?“ За децата е урнебесно, тие сакаат кога го правам тоа“, рече таа во тоа време.

Се чини дека „четврта среќа“ се уште важи за Кери бидејќи таа е среќно свршена со Рајан од август 2020 година.

Слични содржини