Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по денешната седница на кризниот штаб во Владата, а во врска со пожарите во земјава, изрази благодарност до припадниците на МВР, ДЗС, АРМ, ЦУК и од општините.
Тошковски посочи и дека постојат индиции кои укажуваат на тоа дека дел од пожарите се подметнати.
-Причина за распламнување на пожарите во најголема мера беа неповолни временски услови и силен ветер кој го имавме во текот на денот. Имаме основи на сомнение дека дел од пожарите се подметнати од човечки фактори. Во моментов се истражуваат повеќе наоди за подметнување на пожари близу клучни инфраструктурни капацитети, патишта, густо населени области и приватни објекти. Не сакам да шпекулирам, но можно е да се работи и за едно поинакво сценарио од она кое би било сценарио на случајност, нагласи министерот за внатрешни работи.
Додаде дека институциите се на терен, вчера било приведено лице затекнато како пали пожар, а приведени се и сопствениците на отпадот во Визбегово каде утринава изби голем пожар.
-Многу е симптоматично како се неутрализира и локализира еден пожар, набрзо започнува втор пожар. Како се неутрализира и локализира и тој пожар, почнува трет пожар. Сите тие се поврзани со одредена клучна инфраструктура во државата и од страна на професионалците во МВР сум информиран дека се сомневаат дека станува збор за одредено сценарио кое се сака да се постигне во Македонија. Спремни сме да одговориме и покажавме дека можеме и во иднина ќе одговориме соодветно. Сите оние што ќе се дрзнат да го доведат под знак прашалник животот на македонските граѓани, соодветно ќе бидат изведени пред лицето на правдата, дециден е министерот за внатрешни работи.