Трајков: Голема опасност е ако затаат пумпите за ладење на реакторите во Запорожје

од Маја Анчевска
619 прегледи

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Мариано Гроси, соопшти дека е изгубен далечинскиот пренос на податоци од системите за следење на заштитните мерки инсталирани во нуклеарната централа Чорнобил, која беше окупирана од руските сили минатиот месец.

Оттука, инспектор за радијациона сигурност, од дирекцијата за радијациона сигурност на С. Македонија, Горан Трајков, посочува дека постои контаминација на околната почва, но тоа не претставува поголема опасност по населението и животната средина во Украина и околните држави.

– Во функција е само мониторинг системот за мерење на брзината на амбиенталниот дозен еквивалент (брзина на доза) во нуклеарната централа и надвор од нуклеарната централа во нејзиното блиско опкружување. Немам информација во каква состојба е потрошеното гориво и состојбата на другите делови од истата, вели Трајков во разговор за „Локално“, во врска за Нуклеарната централа Чернобил која е надвор од функција, поточно работен режим, по катастрофалната несреќа во март 1986година.

Според инспекторот опасноста лежи во нуклеарната централа во Запорожје која е најголемата  нуклеарна централа во Европа со шест нуклеарни реактори.

– Секако дека претставува опасност од радијација доколку дојде до оштетување на реакторите или складот за депонираање на потрошено радиоактивно гориво. Голема закана за реакторите претставува и снабдувањето на нуклеарната централа со електрична енергија која ја користат пумпите за ладење на реакторите во Запорожје и ако тие затаат со нивната функција тоа ќе претставува  голема опасност. Секако дека постојат и други начини снабдување на електрична енергија, како резервна варијанта, дизел агрегати, додева тој.

Во случај да се активира радијацијата Трајков потенцира дека истата може да се детектира во Македонија.

– Постои Европска платформа за размена на радиолошки податоци (EURDEP) кој се состои од механизам за размена на податоци. Македонија е една од 39-те членки на оваа web мрежа и ги користи информациите и споделува информации 24/7. Може да работи во нормален режим и режим на итни случаи. При работа на нормален мод размената на информации е во интервал од 2-3 часа, а при работа на мод на итен режим информациите се разменуваат за помалку од 1 час.

На територијата на С. Македоја во функција се 8 мерни станици кои што ги управува и одржува Институтот за јавно здравје, а инспекторот напоменува дека во нашата држава има заштитини мерки при зголемување на радиоактивноста.

– Во случај на зголемено присуство  на радиоактивност во  нашата земја се активира Планот за заштита на населението од радијациони настани , каде што повеќе државни институции се вклучуваат во дејството за превземање на мерки за  информирање и заштита на  граѓаните, објаснува инспектор.

M.A.

Слични содржини