Културното наследство е жив сведок на нашата историја, на генерациите што пред нас го изградиле и сочувале ова што денес го имаме. Но, тоа е и мост кон иднината, бидејќи преку почитување и негување на наследството градиме идентитет, доверба и заедништво, порача денеска заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков, за време на Првиот меѓународен симпозиум за теоретска медитеранска археологија – Lychnida, кој се одржува во Охрид, град на УНЕСКО.
Трајков на симпозиумот зборуваше за културното наследство на нашата земја, глобалната соработка и одржливиот развој.
-Токму ова е и суштината на Европските денови на културното наследство: заеднички да ја почувствуваме и градиме вредноста на различностите, да ја разбереме улогата на културата од европска перспектива и да ја одржуваме жива Гоцевата мисла за „светот како поле за културен натпревар меѓу народите, рече Трајков.
Охрид, како што рече, не е само град на езерото, туку град на духовноста, на книжевноста, на богатото материјално и нематеријално наследство. Наследство кое не обврзува и задолжува. Таа порача дека да се биде дел од Листата на светското наследство е чест, но и голема обврска – обврска за заштита, за одржлив развој и за пренесување на богатството на идните генерации.
Како што подвлече, земјава е посветена на европските вредности и стандарди, а членството во Европската Унија значи не само политичка и економска интеграција, туку и активно учество во европската мрежа на културна соработка и меѓусебно почитување.
Потенцираше дека овие два јубилеја се потсетник дека културното наследство не е нешто статично – тоа е живо и постојано треба да се надградува и да се збогатува.