Трајковиќ: „Компромисот“ на Вучевиќ е поделба на Косово

од Илинка Илиоска
196 прегледи

Претседателката на Европското движење на Србите од Косово, Рада Трајковиќ изјави дека подготвеноста на Србија за компромиси за Косово може да значи само поделба на таа територија, но и конфликти.

Коментирајќи ја изјавата на премиерот Милош Вучевиќ дека Србија е „подготвена да направи компромиси“ за Косово, Трајковиќ за агенцијата Бета изјави дека ова е обид на властите во Белград да се вратат на своите „првични позиции“ со цел поделба на територијата.

„Меѓутоа, иако претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во основа и ги предаде на Приштина сите институции и животот на Србите, функционалноста на властите во Приштина не е реализирана. Пораките кои упатуваат на поделба на Косово предупредуваат на нова дестабилизација и кампања против Србија и Србите кои не ни требаат во овој момент“, рече таа.

Трајковиќ нагласи дека Албин Курти го контролира северот на Косово со помош на специјални полициски сили. Според неа, безбедноста на Косово секој ден се повеќе се загрозува.

„Курти ја спроведува идеологијата за формирање на голема Албанија, додека Вучиќ преку Вучевиќ уште еднаш бара поделба на Косово. Сите знаат дека тоа не може да се постигне без конфликт. И двете од овие стратегии би можеле да предизвикаат конфликт кој би завршил со протерување на Србите од север или со влегување на нашите воени сили на северот на Косово во име на заштита на Србите“, рече Трајковиќ.

Таа додаде дека НАТО носи сè поголем број војници на Косово.

„НАТО не сака да ги менува границите на територијата. Доколку Србија стане членка на НАТО, прашањето за статусот на Косово ќе биде стопирано“, рече Трајковиќ.

Српскиот премиер Милош Вучевиќ во вторникот рече дека Србија е „апсолутно подготвена да разговара со Приштина“ и да „направи компромиси“ за Косово.

Вучевиќ изјави за АФП дека компромисот значи дека никој целосно не победува и никој целосно не губи.

„Подобро е да седнете, да се сретнете, да разговарате, да се обидете да разговарате. Сè е подобро од ескалација“, додаде таа.

Слични содржини