Три илјади мртви за две недели, во крвавите судири улога имаат и нашите мобилни телефони

од Milan1
94 прегледи

Во источниот дел на Демократска Република Конго, бунтовничка група зазеде уште еден рударски град, откако пред повеќе од една недела ја презеде контролата врз најголемиот град во регионот Гома, јавува „Си-Ен-Ен“.

Во конфликтот меѓу бунтовничката коалиција „Alliance Fleuve Congo“ (AFC) и конгоанските сили, над 3.000 луѓе ги загубија животите за помалку од две недели, според Владата на Демократска Република Конго.

АФЦ ја презеде Нјабибве богата со ресурси минатата недела откако Гома, главниот град на провинцијата Северен Киву, падна на 27-ми јануари.

Пред помалку од една година, бунтовниците го зазедоа Рубају, рударски центар на истокот на земјата, каде што се наоѓа едно од најголемите наоѓалишта на колтан во светот, вреден минерал кој се користи во производството на паметни телефони.

„Пристапот до рударски локации ја финансира војната“

Приближно со големина на Западна Европа, оваа земја разурната од војна е богата со огромно минерално богатство, вклучувајќи ги и најголемите светски резерви на кобалт и колтан и двете клучни за производство на електроника. Кобалтот се користи за производство на батерии кои ги напојуваат мобилните телефони и електричните возила, додека колтанот се рафинира во тантал, кој има различни примени во телефони и други уреди.

Според Светската банка, повеќето луѓе во ДР Конго немаат корист од ова богатство, земјата е меѓу петте најсиромашни нации во светот. Голем дел од минералното богатство е поделено помеѓу владата на Демократска Република Конго и вооружените групи кои контролираат делови од истокот богат со ресурси.

„Пристапот до природните ресурси е во срцето на овој конфликт. Не случајно областите окупирани од бунтовниците се рударски области. Потребни се пари за да се води војна. Пристапот до рударските локации ја финансира војната”, изјави за Си-Ен-Ен Жан Пјер Окенда, аналитичар специјализиран за управување со екстрактивната индустрија.

Виктор Тесонго, портпарол на бунтовничката алијанса „AFC-M23“, рече дека групата ги контролира рудниците Рубаја и Нјабибве богати со колтан, но не кажа колку пари добила од нив или за што се потрошени.

Бинту Кеита, специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН во ДРК, на брифингот во септември на Советот за безбедност, рече дека трговијата со колтан од рудникот Рубаја се проценува дека обезбедува повеќе од 15 отсто од глобалното производство на тантал и генерира околу 300.000 долари месечно приход за „М23“.

„М23“ ги отфрли овие тврдења, инсистирајќи дека нивното присуство во Рубаја е чисто хуманитарно.

Голем дел од меѓународната заедница, вклучително и владата на Конго, ја обвини соседна Руанда дека го поддржува М23 и помага во грабежот на минерали. Министерот за комуникации на ДР Конго, Патрик Мујаја, изјави за Си-Ен-Ен минатата недела дека извозот на минерали од Руанда се зголемил откако нејзините сили ја презеле контролата врз клучните рударски зони во Конго. Руанда е еден од најголемите светски снабдувачи на колтан и го надмина Конго во извозот на минералот во последниве години.

Претседателот на Руанда, Пол Кагаме, минатата година во јавното обраќање призна дека Руанда е транзитна точка за минерали шверцувани од Конго, но инсистираше на тоа дека неговата земја не краде од соседот.

„Некои луѓе доаѓаат од Конго, без разлика дали се шверцери или поминуваат низ вистинските канали, носејќи минерали. Поголемиот дел поминува низ Руанда, но не останува тука. Тој оди во Дубаи, Брисел, Тел Авив, Русија. Тоа оди насекаде“, рече Кагаме, без да обезбеди докази или да прецизира кои минерали се шверцуваат.

Во декември, Конго ги тужеше подружниците на „Apple“ во Белгија и Франција, обвинувајќи ја компанијата за набавка на „конфликтни минерали“. „Apple“ ги отфрли обвинувањата. Секоја година, технолошките гиганти како „Apple“ и „Microsoft“ објавуваат извештаи во кои велат дека бараат од нивните добавувачи одговорно да набавуваат минерали.

Според аналитичарот Окенди, минералното богатство на Демократска Република Конго е проклетство: „Овие ресурси создаваат војни, предизвикуваат бунтови, го изложуваат на страдање локалното население и исто така создаваат сериозни еколошки проблеми.

Минатата недела, хуманитарниот прекин на огнот објавен од „М23“ пропадна речиси веднаш по неговото објавување, бидејќи бунтовниците брзо напредуваа во Нјабибве.

 

Слични содржини