По повеќе од две недели гранатирање на Мариупол, руските сили синоќа испратија барање до украинските власти – да се предадат до пет часот наутро, за цивилите да го напуштат градот и Русија да воспостави своја власт. Киев одби да го предаде Мариупол, каде жителите со денови се под опсада со малку храна, вода и струја.
Вицепремиерката на Украина Ирина Верешчук изјави дека „нема најава за предавање“ и дека руската страна е веќе информирана за тоа.
По низа неуспешни обиди, пред само неколку дена беше воспоставен хуманитарниот коридор од Мариупол. Според некои проценки, во градот се уште има околу 300.000 цивили. Со оглед на тоа што руските војници го опколија градот, украинските власти тврдат дека нема начин да им се достави храна, лекови и други потреби на жителите на Мариупол.
Струја нема речиси една недела, поради што граѓаните се практично отсечени од останатиот дел од државата.
Зошто баш Мариупол?
Од самиот почеток на војната, најголем притисок од руските сили имаше врз Мариупол, град кој ниту во 2014 година проруските сепаратисти од Донбас не успеаја да го освојат.
Првата причина е географската положба на Мариупол. Административно, Мариупол припаѓа на регионот Доњецк, кој заедно со регионот Луганск го сочинуваат регионот Донбас.
Мариупол не е дел од Доњецката Народна Република (ДНР), која беше прогласена од проруските сепаратисти на 7 април 2014 година. ДНР зафаќа само една третина од територијата на регионот Доњецк, но вклучува поголеми градови, вклучувајќи го и Доњецк, кој е оддалечен околу 100 километри од Мариупол.
Со заземањето на Мариупол, проруските сепаратисти ќе овозможат создавање на таканаречен копнен коридор до Крим.
Самопрогласената Доњецка Народна Република и Луганската Народна Република (ЛНР) не се на копното на Крим, полуостров кој по референдумот на 16 март 2014 година прогласи отцепување од Украина и припојување кон Русија.
Украина, ЕУ и САД никогаш не ги признаа резултатите од референдумот, поради што Киев го смета Крим, како и ДНР и ЛНР за делови од својата „привремено окупирана територија“. Сепак, Москва го смета Крим за дел од Руската Федерација. Крим е поврзан со Русија преку мостот на Крим што го поминува Керчкиот мореуз, додека ДНР и ЛНР се поврзани со Русија преку копнена граница. Сепак, не постои копнена врска меѓу Крим, ЛНР и ДНР.
Втората причина е од економска природа. Мариупол е најпрометното пристаниште на Азовското Море, кое преку мореуз е поврзано со Црното Море. Со преземањето на градот, Русија би ѝ задала економски удар на Украина и би си дозволила уште еден безбеден морски пат.
Третата, а можеби и најважна работа лично за Путин – Мариупол го брани баталјонот Азов.
Што е баталјон Азов?
Иако Русија бараше „денацификација“ на Украина на почетокот на војната, сега е одлучено руските трупи да ја извршуваат само оваа задача. Една од локациите што е погодна за споменатата „денацификација“ е Мариупол, кој е под заштита на баталјонот именуван по Азовското Море.
Баталјонот Азов беше формиран за да се спротивстави на сепаратистите поддржани од Русија во Доњецк и Луганск.
За Украинците, бранителите на овој баталјон се херои кои се борат против многу побројни руски напаѓачи, додека за Русија тие се неонацисти и нивното потекло лежи во неонацистичката група наречена Патриоти на Украина. Тие ги носат паганските ознаки на Волфсангел, кои ги користеле озлогласените нацистички СС единици и ги фаворизирале неонацистите.
Со текот на годините, Азов стана дел од Националната гарда на Украина, а е специфичен затоа што привлекува мешавина од националисти, ултранационалисти и млади луѓе кои негуваат аверзија кон Русија. Половина од членовите на овој баталјон потекнуваат од исток, а многу од нив зборуваат руски.
Тие сега се борат да ги потиснат руските трупи од околината на Мариупол, додека најголем успех за Русија ќе биде доколку баталјонот Азов победи дома.