Согласно последниот глобален извештај на Светска банка за конкурентност во инвестициите, може да се утврди дека секоја странска компанија во фаза кога одлучува каде ќе инвестира разгледува неколку фактори, меѓу кои се владеењето на правото во една држава, политичката стабилност и квалитетната инфраструктура, вели Гоце Димовски, претседател на Општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Гостивар на денешната дебата „Важно е Македонија да има современа инфраструктура“ што се одржа во општина Градско во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“.
Димовски посочи дека за раст и развој на економијата на една држава значајна улога игра современата модерна патна и железничка инфраструктура.
– Со потпросечна инфраструктура не можеме да очекуваме дека би била ниво тоа што треба да привлечеме доволно странски директни инвестиции, рече Димовски.
Тој потенцира дека нашата држава е на дното во однос на привлекување на странски директни инвестиции, што, како што рече, тоа го потврдуваат меѓународни институции.
– Врз основа на тие податоци направив одредени анализи до каде сме и што сме во однос на странски директни инвестиции за последните неколку години. И морам да кажам ако пред осум години бевме респектирани од страна на сите соседи во однос на тоа каква стратегија, каков концепт имавме за привлекување на странски директни инвестиции. Една соседна држава ја има побарано стратегијата и помош во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ како таа да постапи со привлекување на директните странски инвестиции, истакна тој и рече дека Србија сега има прилив на странски директни инвестиции за разлика од нашата држава.
Димовски потенцираше дека државата повторно е на дното на прилив на странски директни инвестиции од бруто домашен производ во однос на земји од регионот.
Игор Коруноски од Централната комисија на ВМРО-ДПМНЕ за инфраструктура, урбанизам и транспорт на вечерашната трибина рече дека Владата во последните седум години системски го уништува железничкиот сообраќај, нема ремонт на домашните пруги, а не пак набавка на возови и вагони
– Изминативе седум години ние не видовме конкретни инвестиции во делот на железничкиот сектор. Не видовме набавка на нови возови, ниту на нови вагони, не видовме ремонт на домашните пруги. Во изминативе седум години железницата беше заборавена иако беа најавувани помпезни проекти дека ќе се градат брзи пруги, дека ќе има некој инвестициски бум во железницата, но гледаме дека не е така и гледаме дека државата ја игнорира железницата во секој сегмент и затоа имаме една ваква ситуација во којашто всушност немаме ресурси, локомотиви, вагони со коишто ќе се извршува овој железнички превоз, потенцираше Коруноски.
Тој додаде дека во едни такви услови континуирано се укинуваат железничките линии во делот на патничкиот сообраќај. Две години нема линија кон Кичево и кон Кочани, веќе шест месеци нема кон Куманово, а сега, рече Коруноски, во последниов период се укинаа и четирите пара на возови коишто го поврзуваа Пелагонискиот Регион и делот на Азот и Богомила.
Синиша Ивановски, претседател на Комисија за инфраструктура, урбанизам и транспорт на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашната дебата истакна дека за седум години Владата не успеа да изгради ништо во делот на инфраструктура, ниту има процена за тоа кој патен правец е приоритет
– Се обидуваат надлежните од Владата да градат и седум години не успеаја. Соочувајќи се со својот неуспех велат е сега ќе го работиме со „Бехтел и Енка“. Инаку компанијата, согласно договорот за автопатиштата, значи дека можат да прават сами се. Тоа е како да земете дома мајстор и тој да ви каже што треба да правите, тој истиот ќе ви каже дали е добро или не и ќе ви наплати колку што сака тој. Тоа е едноставно кажано што ќе се случи со „Бехтел и Енка“ и околу две милијарди евра ќе отидат таму, процената лична ми е дека ќе одат и до три, рече Ивановски.
Ивановски објасни и зошто е веројатно дека ќе се зголеми и сумата.
„Тоа ќе биде за проширување Тетово-Гостивар, за Гостивар кон Кичево и тоа не е до Кичево до крај, туку до Букојчани, нагласи Ивановски.
Тој објасни дека за Струга, Требеништа, Ќафасан кон Албанија или на осумдесетина проценти од популацијата во државата не им треба тој автопат.
– Има поважни автопатишта како Градско-Велес, Велес-Битола да се поврземе со Грција многу полесно, тоа не е во програма нивна, а има и многу други грешни политики, кажа Ивановски.