Царовска: Вреди да се исполнат сите детски сништа, за нивните искрени насмевки

По повод Светскиот ден на детето, Министерката за образование, Мила Царовска потенцираше дека треба да создадеме свет каков што замислува секое дете. Да им смислиме подобра иднина и посочи дека е вредно да ги исполниме сите детски сни за нивните искрени насмевки.

„Осветлувањето на зградата на Министерството во сина боја е само дел од тоа да докажеме, дека сме овде и ги правиме сите напори да обезбедиме подобра иднина за сите деца. Корона кризата е еден вид тест на човештвото. Ни даде можност да видиме до каде сме, да ги потврдиме приоритетите и да тргнеме уште побрзо напред. Да го замислиме светот што сакаме да го создадеме. И тоа треба да го направиме сите заедно. Најважно од сѐ заедно со младите, бидејќи овој свет им го оставаме токму ним“, истакна Царовска.

Царовска оцени и дека комбинираниот модел на образовен процес, со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме е и повеќе од успешен, а притоа е заштитено здравјето на учениците и вработените истовремено. Исто така, министерката најави и темелни промени во образованието, а потенцираше дека ќе се воспостави и нов образовен систем кој ќе одговори на потребите на идните генерации.

„Да се фокусираме на развој на когнитивните процеси и на критичката мисла наместо на меморирање податоци. Да ги подготвиме учениците за реалните предизвици кои ги очекуваат, да ги поттикнеме и насочиме да го достигнат својот полн потенцијал. Дигиталната ера нуди безброј можности за надградување на младите, но наша задача е да ги систематизираме во конкретни алатки и да ги ставиме на располагање и на наставниот кадар и на учениците. Го подобруваме пристапот до образование. Ова значи инвестиции во самите училишта, за нивно проширување, модернизирање, за да овозможиме што повеќе деца да имаат што поквалитетни услови“, истакна Царовска.

Најважно, според неа, ни се посветени и мотивирани наставници, а истото вели ќе се постигне со помош на јакнење на наставниот кадар.

 

Слични содржини