Кризата и воените дејствија во Украина, разбирливо, се високо поставени на агендата на медиумското известување. И самите медиуми се свесни дека случувањата од ваков тип се меѓу најследените и најгледаните содржини.
– Праксата потврдува дека темите од висок јавен интерес честопати со себе носеле и лавина на дезинформации, селективно, а и површно информирање. Во последните неколку години, кампањите за дезинформации се една старо-нова реалност, а потрагата по вистински факти станува сè потешка. Во таа смисла, и самите медиуми неретко се наоѓаат во незавидна ситуација, да бидат крајно претпазливи во услови на зголемен наплив на информации, вели во разговор за „Локално“ извршен директор во Совет за етика во медиумите на Македонија, Марина Тунева.
Според извршниот директор, една од замките во коишто влегуваат медиумите е што стануваат пасивни, добиваат информации и ги објавуваат такви какви што се.
– Се (под) забораваат клучни прашања од интерес, а и не се прави обид да се објасни комплексноста на случувањата. Се случува да не се спомене изворот, нешто што треба да е врвно правило во информирањето. А, засега, тешко е да се добие целосна слика за случувањата врз основа на медиумските извештаи, вели Тунева.
Како што информира Тунева, Советот за етика во медиумите и Здружението на новинарите се приклучиле кон ставот на Европската федерација на новинари дека затворањето на руски медиуми или препораката за прекин на нивно емитување може да биде контрапродуктивно и дека не е вистински начин за борба против дезинформациите и пропагандата.
– Медиумите не смеат да се искористуваат како оружје во кризата меѓу Украина и Русија и да им се укине правото на информирање.
Она што мислам дека е најважно е јавноста да се заштити од пропагандното информирање, а во тоа голема улога имаат и професионалните медиуми. Тие можат да помогнат во разобличувањето на пропагандните информации, дезинформациите и погрешните конструкции. Луѓето треба да следат различни извори на информации, но и да бидат скептични кон она што го читаат гледаат или слушаат. Неопходно е да се следат медиумите кои што ги проверуваат и верификуваат своите извори на информации.
Високопрофесионалното новинарство е бесценето и само така се гради довербата кон јавноста и се подобрува квалитетот на дискурсот, со што ќе ослабне околината за дезинформации.
Секој од нас има одговорност во битката со дезинформациите и пропагандата, потенцира извршната директорка на СЕММ.
Тунева нагласува дека треба да им се верува само на оние медиуми коишто се потпираат на водечките принципи на професијата во спротивставувањето на дезинформациите, иако тоа понекогаш е исклучително тешка задача.
– Од клучно значење е да се вкрстуваат фактите, а сликата за случувањата да се гради врз основа на консумацијата на издржани извори на информации. Не е погрешно да се биде скептичен за содржините коишто немаат потврда или сигурен извор на информација. Во кредибилните новинарски продукти изворите на информации се именувани, освен во околностите кога таквите извори мора да бидат заштитени.
Сите медиуми можат да потфрлат, но ние, како публика, не сме тие што треба да ја платат цената за таквите грешки. До некои основни информации и самите може да дојдеме со само неколкуминутен напор, твдри Тунева.
Директорката Тунева потенцира дека слободната мисла и став сите нам ни се дозволени, но фактите мора да бидат неприкосновени.
– Она што е најважно е да се заштитиме себеси од „спакуваната реалност“, манипулативните содржини, каде и да се наоѓаат тие, било на социјалните мрежи, било во медиумите, посочува Тунева.
Во справувањето со омразата, поделбите и поларизацијата според Тунева одговорност имаат повеќе страни. Самите медиуми, институциите доколку станува збор за говор на омраза, што претставува кривично дело, а и образованието, и граѓанскиот сектор.
– Реагиравме уште веднаш, на почетокот на руско-украинските воени дејствија, со цел да потсетиме дека медиумите во ниту еден случај не смеат да бидат злоупотребени за да се шири радикален и потпалувачки говор, воен триумфализам и говор на омраза, потенцира директорката Тунева.
Во онос на жалби и преставки за одредено пристрасно и навивачко споделување на веститe, директорката посочи дека Совет за етика во медиумите на Македонија сеуште ги нема добиено.
Сè уште не сме добиле претставки, но имаме најави и укажувања, така што сигурни сме дека ќе има реакции во врска со начинот на којшто информираат медиумите, додава извршниот директор на СЕММ, Марина Тунева.
Инаку, Советот за етика во медиумите, по почетокот на воените дејствија во Украина, ги повика медиумите да информираат со максимална одговорност и професионалност, без да придонесуваат во ширењето шпекулации и невистини во јавноста.
М.А.