Турција до 2035 година планира да го зголеми капацитетот на соларната и ветерната енергија за дури четири пати

од Vladimir Zorba
559 прегледи

Турција моментално има триесет гигавати соларен и ветерен капацитет. До 2035 година планираат да го зголемат за четири пати, на дури 120 гигавати, објави на неодамнешниот настан министерот за енергетика и природни ресурси Алпарслан Бајрактар, а пренесува Ројтерс.

Тоа значи дека секоја година треба да се градат меѓу 7,5 и 8 гигавати нови соларни електрани и ветерни електрани.

Според министерот, за овој подвиг за реформа на енергетскиот систем ќе бидат потребни инвестиции од 108 милијарди долари. Дел од оваа сума, поточно 28 милијарди долари, ќе се издвојат за подобрување на преносната инфраструктура, поставување трансформатори и поставување високонапонски преносни мрежи низ државата.

А на Турција освен пари ѝ е потребна и поповолна законска рамка за да го поттикне приватниот сектор да учествува повеќе …

Иако капацитетите на соларните централи и ветерните електрани бележат брз раст во последните години, еден од предизвиците е долгиот процес на добивање дозволи што може да потрае и до 48 месеци. Како што рече Бајрактар, времето на овој процес ќе се преполови на две години.

Во текот на 2023 година, над 42 отсто од електричната енергија во Турција доаѓаше од обновливи извори, покажуваат податоците на истражувачкиот центар „Ембер“. Иако водечки меѓу нив беа хидроцентралите со учество од околу 20% во вкупното производство, овие бројки – повисоки од светскиот просек – беа овозможени со развојот на соларната и ветерната енергија.

До крајот на оваа година се очекува процентот на зелениот дел од енергетскиот микс да се зголеми на 45%, а следната година се планира да скокне на 47,8%.

Пред 20 години, Турција – која има скромни резерви на нафта и природен гас – ги субвенционираше инвестициите на приватниот сектор во обновливи извори, се со цел да се заштити од високите трошоци за увоз на електрична енергија и геополитичките ризици.

Слични содржини