Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан денеска го обвини Израел дека сака „да ја прошири војната во Либан“ по бранот експлозии на мобилни уреди, за кои е осомничен Израел.
„Забележуваме дека Израел почна да ги засилува своите напади врз Либан, етапа по етапа“, рече министерот во интервју за јавната телевизија ТРТ.
„Ескалацијата во регионот е загрижувачка. Дојдовме до точка каде што Иран, Хезболах и нивните блиски елементи немаат друг избор освен да реагираат на овие сè попровокативни операции“, рече турскиот министер.
Министерот кој вчера престојуваше во Аман предупреди дека Јордан нема намера да стои со скрстени раце пред „свршениот чин“ на Израел, што, како што рече, е исто така алармантно.
„Постои ризик од војна во која ќе бидат вклучени Јордан, Египет и целиот регион“, оцени тој и ја повика меѓународната заедница да го прекине тоа пред да биде предоцна.
„Фанатичната влада на Израел следи стратегија насочена кон елиминирање на сите закани. Ова лудило не само што им штети на Палестинците, туку и ја става под хипотека иднината на Израелците“, додаде тој.
Фидан, кој е поранешен шеф на турската разузнавачка служба МИТ, исто така рече дека далечинското детонирање на комуникациски уреди, пејџери и токи – воки е „метод кој често го користат разузнавачките служби“.
Тој додаде дека разликата овде е што тоа се случува во голем обем и дека Израел се инфилтрирал во компании кои купуваат за Хезболах, благодарение на разузнавачките информации што ги добива од поединци и преку технички средства.