Турција минатата година го зголеми својот капацитет за соларна енергија на повеќе од 20 гигавати, а капацитетот од ветерната енергија на повеќе од 13 гигавати (GW).
Капацитетот на соларна енергија на Турција на 16 февруари изнесуваше 20,4 гигавати, што претставува зголемување од 39,3 отсто во споредба со истиот период минатата година.
Учеството на фотоволтаичните објекти во вкупниот електроенергетски капацитет на Турција е 17,5 отсто, додека пред една година беше 13,8 отсто.
Трошоците за производство на електрична енергија од сончева енергија се до 50 отсто пониски отколку од јаглен и природен гас, јавува Anadolu Agency.
Во Турција има 75 производители на фотоволтаични панели со годишен производствен капацитет од приближно 44,5 гигавати.
Како што се наведува во посебен извештај, во Турција моментално работат околу 280 ветерни електрани со вкупен капацитет од 13,04 гигавати.
Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) предвидува дека вкупното производство на обновлива енергија ќе достигне 50 отсто удел од производството на електрична енергија во Турција до 2027 година.
Турската влада планира до 2035 година да ги зголеми своите капацитети за соларна и ветерна енергија на 120 гигавати, пренесува Танјуг.