Туск: Времињата се брутални, создаваме армија каква што Полска немала со векови

од Milan1
63 прегледи

Полскиот премиер Доналд Туск, во специјално обраќање до нацијата, вечерва изјави дека во брутални времиња на себичност во светот, Полска гради армија каква што немала со векови и инсистира нејзиниот глас да се чуе повеќе во Европа, бидејќи без Полска, денес ништо не може да се договори.

„Создаваме армија каква што Полска немала со векови. Супер силна и модерна. Армија за победи. Гласот на Полска во Европа одамна не звучел толку силно. Полска е почитувана и слушана. Без Полска, ништо важно не може да се договори во Европа“, рече Туск во говорот по повод 21-годишнината од влегувањето на Полска во Европската унија.

Полскиот премиер апелираше до Полјаците дека немаат причина да се плашат од времето во кое живеат денес, кога неизвесноста, бруталноста и себичноста се враќаат во светската политика.

„Војната престана да биде апстрактна, посветеноста на вредностите е заменета со верувањето дека ништо не е бесплатно. Дали ова значи дека нашите полски соништа повторно ќе ни бидат одземени? Дали треба да се плашиме? Не. Треба да бидеме силни“, рече Туск.

Полскиот премиер потсети дека оваа година, кога Полска одбележува 1000 години од крунисувањето на кралот Болеслав Храбриот и од нејзиното формирање како кралство, всушност е пресвртница бидејќи земјата е подготвена за нова доктрина за да биде регионална сила.

„Вложуваме милијарди во вооружување и инфраструктура. Нема да се двоумиме да им дадеме приоритет на нашите компании во ова. Економскиот национализам не е лоша работа“, рече Туск.

Полскиот премиер ја нагласи важноста на економската дипломатија кога државата е покровител на проширувањето на полскиот бизнис, извозот и интересите на полските компании во странство.

„Ќе се бориме жестоко и доследно за секое работно место во Полска“, рече Туск.

Премиерот изјави дека новиот слоган на Полска е: најсилна економија, најсилна армија, најсилен глас во Европа.