Италијанската полиција на Сицилија го уапси Андреа Бонафеде, човек кој му го позајмил својот идентитет на еден од најбараните италијански мафијашки босови, Матео Месина Денаро, кој се криел од законот 30 години до неговото апсење во Палермо минатата недела.
Благодарение на Бонафеде, Месина Денаро „можеше слободно да се движи во Италија, да го избегне законот и да ги користи услугите на италијанската државна здравствена заштита без да го открие својот вистински идентитет“, се вели во обвинението, пренесува АП.
Италијанските обвинители веруваат дека Бонафеде, наводно член на Коза Ностра, добил 20.000 евра од Месина Денаро за да купи куќа во западна Сицилија, која служела како едно од засолништата на мафијашкиот бос. Месина Денаро беше уапсен на 16 јануари во клиника во Палермо додека примаше хемотерапија, а во таа прилика ја искористи личната карта на Бонафеде со заменета фотографија.
По апсењето, полицијата извршила претрес во три куќи во кои во последните месеци се криел мафијашкиот бос и пронашла сметки од луксузни ресторани, накит и филмски плакати, меѓу другото, и од филмовите „Кум“ и „Џокер“.
Месина Денаро беше осуден во отсуство на повеќекратни доживотни затворски казни, а се верува дека е еден од организаторите на серијата бомбашки напади во 1992 година во Италија. Во еден од нив загина и познатиот италијански обвинител Џовани Фалконе.