Украина бара статус на кандидат за ЕУ, европските лидери поделени

од Nikola Popovski
214 прегледи

Претседателот на Парламентот на Украина, Руслан Стефанчук, побара Украина да добие статус на кандидат за членство во ЕУ. Обраќајќи им се на членовите на Европскиот парламент, тој рече дека неиспраќањето сигнал за отворена врата до Украина јасно ќе испрати порака до рускиот претседател Владимир Путин дека „може слободно да продолжи без никаква казна“.

„Да направиме се што е можно 24 јуни да го видиме како пресвртница, важен ден за нас и нашата голема заедничка победа“, рече Стефанчук.

Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола изјави дека пратениците ќе продолжат да ги помагаат напорите на Украина да добие статус на кандидат. Таа додаде дека тоа ќе и помогне на Украина, со продлабочување на интеграцијата.

Се очекува Европската комисија да го објави својот став за кандидатскиот статус на Украина следната недела, врз основа на одговорот на земјата на прашалникот.

Владите и шефовите на држави на ЕУ треба да ја разгледаат апликацијата на Украина на крајот на јуни. Европскиот парламент веќе усвои резолуција со која Украина треба да добие кандидатски статус.

Сепак, лидерите на земјите од ЕУ се поделени околу брзината на чекорите на ЕУ за доделување кандидатски статус на Украина.

Пред нападот на Русија, Европската комисија постојано изразуваше загриженост поради нивото на корупција во Украина и потребата од длабоки политички и економски реформи.

Апликацијата на Украина за кандидатски статус наиде на добар одѕив кај источноевропските земји-членки на ЕУ, но властите рекоа дека процесот може да потрае со години.