Украина им порача на западните спонзори дека ѝ снемува муниција за некои системи за противвоздушна одбрана, односно тековните залихи ќе траат до крајот на март, објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на американски претставници.
Според изворите на весникот, претставниците на Киев ги презентирале овие податоци на безбедносната конференција минатиот месец, предупредувајќи дека недостатокот од противвоздушни ракети „значително ќе влијае на животот во урбаните области на Украина“, односно дека украинските сили ќе можат да ја соборуваат секоја петта руска ракета додека досега наводно соборувале дури четири од пет ракети.
Изворите на „Вашингтон пост“ предупредија на „катастрофална состојба на украинската армија и потенцијални масовни жртви“ ако Киев не добие поголема воена помош од Вашингтон.
Инаку, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден од октомври 2023 година се обидува да протурка пакет помош во вредност од 60 милијарди долари, што упорно го попречуваат тврдокорните републиканци кои бараат зголемување на средствата за обезбедување на границата на САД со Мексико.
Русија спроведува голема ракетна и беспилотна кампања против украинските воени цели, објектите на одбранбено-индустрискиот комплекс и клучната инфраструктура од есента 2022 година. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу претходно изјави дека нападот имал за цел „да го уништи воениот потенцијал на Украина“.