Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, изјави дека Хамас мора да го положи оружјето и веднаш да ги ослободи сите заложници, додека меѓународната хуманитарна помош мора итно да им биде доставена на цивилите во Газа.
„Нечовечкото однесување на Хамас кон израелските заложници заслужува најстрога осуда. Луѓето во Газа не треба и понатаму да страдаат поради грозоморните злосторства на Хамас. Тие мора да го положат оружјето и веднаш да ги ослободат сите заложници. Истовремено, меѓународната хуманитарна помош мора што поскоро и целосно да им биде доставена на цивилите во Газа. Целосен прекин на огнот мора да остане главен приоритет“, порача Сибиха.
Поради израелската блокада која е наметната на Појасот Газа, таму владее глад, а количината на храна што влегува на територијата не е доволна ни за основните потреби. Забележани се десетици случаи на умирање од глад, најмногу кај децата.
Хамас тврди дека лошата состојба на заложниците е последица на општиот недостиг на храна поради израелската блокада, и дека ги хранат исто како и самите себе. Тие понудиле помошта за заробените да биде доставена преку Црвениот крст.