Украинскиот претседател Володимир Зеленски утре (18.02) ќе ја посети Анкара за да се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Според соопштението на Дирекцијата за комуникации, за време на разговорите ќе бидат разгледани сите аспекти на стратешките партнерски односи меѓу Турција и Украина и ќе се разговара за мерките што треба да се преземат за натамошно зајакнување на соработката меѓу двете земји.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина нема да учествува во американско-руските преговори во Ријад, но дека ќе отпатува во Саудиска Арабија оваа недела на одделни разговори со саудиските власти.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност на Белата куќа Мајк Волц и специјалниот пратеник за Блискиот Исток Стив Виткоф ќе ги претставуваат САД во разговорите со Русија, што ќе се одржат утре, вторник, во Ријад, соопшти Стејт департментот.