Украинците ги обвинуваат Русите дека им ги крадат децата: Незаконски ги носат во Русија и ги посвојуваат

од Берта Китинска
144 прегледи

Во вторникот Украина ја обвини Москва дека организирала нелегално посвојување на голем број украински деца, кои се донесени во Русија од окупираната територија.

„Русија продолжува да киднапира деца од украинска територија и да организира нивно нелегално посвојување во руски семејства“, се вели во соопштението на украинското Министерство за надворешни работи.

„Повеќе од 1.000 деца од Мариупол, пристанишен град во југоисточна Украина, заземен од руската војска, се незаконски предадени на странци во Тјумен, Иркутск, Кемерово и Алтај крај во Сибир“, соопшти Министерството, повикувајќи се на информации објавени од властите во Краснодар, град во југозападниот дел на Русија, недалеку од Украина.

Покрај тоа, повеќе од 300 украински деца биле сместени во „специјални институции“ во Краснодар, се додава.

Ваквите постапки на Русија претставуваат „сериозно кршење на Женевската конвенција“ за заштита на цивилите во војна и Конвенцијата на ОН за правата на детето, предупредува Министерството.

„Сите украински деца кои незаконски биле донесени на руска територија мора да бидат вратени на нивните родители или законски старатели“, се вели во соопштението.

Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари, Киев ја обвини Москва дека ги принудува Украинците, особено децата, да ги напуштат областите окупирани од Русија во Русија, а не во другите делови на Украина, што украинските власти го споредуваат со „депортации“.