Украинците по рускиот напад во Кременчук: „Мораш да бидеш чудовиште за вакво уништување“

од Nikola Popovski
434 прегледи

Вработените во брзата помош сè уште ги пребаруваат урнатините на трговскиот центар во украинскиот град Кременчук, по ракетниот напад извршен од воените трупи во понеделникот. Според шефот на украинската воена управа во нападот загинале најмалку 18 лица.

Додека спасувачите продолжуваат да ги пребаруваат урнатините, се очекува бројот на жртвите да расте.

Украинските служби за итни случаи соопштија дека се повредени 60 лица, а претседателот на Украина, Владимир Зеленски, предупреди на незамислив број жртви, нагласувајќи дека во моментот на нападот во трговскиот центар имало повеќе од 1.000 клиенти.

Катерина Ромашина, локалка, изјави за АП дека имала среќа што го преживеала нападот.

„Се враќав дома од работа и штотуку стигнав до трговскиот центар Амстор, каде што беше поставена рампата, кога дојде до експлозија, по што сфатив дека морам да бегам. Побегнав од местото на експлозијата. Беше страшно“, рекла таа.

Таа додаде дека не би посакала некој да доживее вакво нешто.

„Не знам, треба да си вистинско чудовиште за да уништиш трговски центар. Немам зборови“, рекла таа.

Другата жителка и очевидец Олександра Холоскок изјавила дека била на 500 метри од трговскиот центар кога бил погоден од проектилот.

„Тоа беше вистински хорор, чист ужас. Немам зборови да го искажам сето тоа. Тоа е ужасно. Можев да бидам таму, но имав среќа“, истакна таа.

Гардијан посочува дека многумина кои биле во трговскиот центар успеале да се засолнат во блиските засолништа кога се слушнала сирената за воздушниот напад. Останатите кои не стигнале на време останале заробени во зградата.

„Го напуштив местото на настанот две минути пред експлозијата“, изјави за Гардијан Јевхенија Семјонова (38), продавачка во продавница за спортска облека во трговскиот центар.

„Моите колеги кои работат во продавници како супермаркети, мораа да чекаат клиентите да излезат пред да можат да заминат. Имавме среќа бидејќи немаше клиенти во нашата продавница за време на алармот“, рече таа.

Таа истакна дека на почетокот на војната сите продавници престанале да работат за време на предупредувањата за воздушен напад.

„Но, на крајот, луѓето се навикнаа и почнаа да ги игнорираат сирените. За жал, тоа се случи и вчера. Многу луѓе што ги познавам и некои пријатели сè уште се водат како исчезнати“, додала Семјонова.