Мурал посветен на Ратко Младиќ е уништен на улицата Његошева во Белград. Бела боја беше истурена над муралот.
Како што дознава Нова.рс, зад уништувањето на муралот стои претставникот на Социјалдемократската партија на Србија, Ѓорѓо Жујовиќ, пренесува Бета. Во вторникот вечерта во Белград се одржаа протести поради апсењето на двајца активисти кои фрлаа јајца на овој мурал.
Аида Ќоровиќ и Јелена Јачимовиќ се приклучија на собирот откако беа ослободени од полициската станица, каде беа приведени, како што објаснуваат, поради нарушување на јавниот ред и мир. Полицијата го блокираше пристапот до улицата каде што беше муралот и на тој начин ги спречи насобраните да дојдат до неа. Потоа се појави група десничари кои го поддржуваат Ратко Младиќ.
Насобраните граѓани, активисти и претставници на невладини организации истакнаа транспарент на кој пишуваше „муралот мора да падне“.
На Меѓународниот ден против фашизмот, бројни невладини организации имаа намера да отстранат мурал со ликот на хашкиот осуденик Ратко Младиќ, кој веќе четири месеци стои на ѕидот од зграда во центарот на Белград.