Руските сили ограбиле десетици илјади музејски дела, вклучително и авангардни слики. Експертите велат дека тоа е најголемиот грабеж на уметнички дела од нацистите во Втората светска војна, а сето тоа со намера да се лиши Украина од нејзиното културно наследство, пренесува „Њујорк Тајмс“.
Во Херсон, во јужна Украина, украинските обвинители и управители на музејот велат дека Русите украле повеќе од 15.000 уметнички дела и уникатни артефакти. Тие одвлекле бронзени статуи од парковите, книги од научната библиотека, 200 години старите коски на Григориј Потемкин, љубовникот на Екатерина Велика, па дури украле и ракун од зоолошката градина, оставајќи зад себе само празни постаменти и скршени стакла.
Украинските власти велат дека руските сили ограбиле или оштетиле повеќе од 30 музеи, вклучително и неколку во Херсон, кој беше повторно заземен во ноември, и други во Мариупол и Мелитопол, кои и понатаму се под руска окупација. Бидејќи украинските истражители сè уште ги расчистуваат загубите на исчезнатите слики напревени од масло на платно, бронзени садови, монети, ѓердани и бисти, бројот на пријавени украдени предмети најверојатно ќе се зголеми.
Во музејот во Мелитопол, град на југот на Украина, заземен од Русите во раните денови на војната, сведоците рекле дека мистериозен човек во бел лабораториски мантил пристигнал внимателно да ги отстрани, со ракавици и пинцети, највредните предмети од колекцијата. вклучувајќи златни парчиња од Скитската империја направени пред 2300 години. Додека ги извлекувал непроценливите антиквитети, зад него стоеле одред руски војници, во случај некој да се обиде да го спречи.
„Шокирање не е вистинскиот збор. Бесен сум. Тие веруваат дека нема да продолжиме да живееме и да создаваме. Но, ќе го направиме тоа“, рекол Олександр Ткаченко, министерот за култура на Украина, во телевизиско интервју додека видно вознемирен го обиколил ограбениот уметнички музеј во Херсон.