Во организација на Коалиција Маргини и ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, во претходните два дена се одржа Меѓународната конференција посветена на моделите на регулирање на дроги. На конференцијата учество земаа познати светски експерти кои ги претставија моделите на декриминализација на употребата на дрогите во Португалија, Холандија, Чешка и градот Франкфурт во Германија и причините зошто овие држави се одлучиле за декриминализација. Експертите ги презентираа начините на кој е спроведена декриминализацијата на дрогата и влијанието на овој процес во обезбедувањето на ефективна и хумана политика за дроги.
Меѓународната конференција на едно место ги собра светските и домашните експерти и практичари од Јавното обвинителство, полицијата, здравството, социјалната политика, здруженијата на граѓани, претставниците на заедницата, учесници од различни профили поврзани со регулирањето на дрогите. На конференција учество земаа и министрите за здравство Венко Филипче, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, и министерот за правда Бојан Марициќ.
Најважните заклучоци што произлегоа од оваа Конференција се следниве:
- Употребата на дроги треба да се третира како здравствен проблем, а не како кривично правен проблем.
- Прохибиционистичкиот и репресивен модел на казнување на употреба на дроги во ниедна земја не дава резултат во намалувањето на употребата на дроги, но и во намалувањето на трговијата со дроги, додека значително влијаат на повреда на правата на поединците, создаваат јавно-здравствени проблеми и ги зголемуваат економски трошоци на државите.
- Поради тоа, неопходно е да се декриминализира употребата на дроги и поседувањето заради лична употреба, за што јасна и јавна поддршка дадоа присутните претставници на извршната власт, но и практичарите кои се директно вклучени во извршување на законите.
- Декриминалзиацијата на употребата на дроги не може да се постигне само со измени на Кривичниот Законик, туку за воспоставување на успешен модел на декриминализација неопходно е да се воспостави мултисекторски пристап и да се направат соодветни системски измени во здравствениот и социјалниот систем кои ќе овозможат превенција, поддршка, намалување на штети и соодветен третман и рехабилитација на луѓето кои употребуваат дроги.
- Неопходно е моделот на декриминалзиација на употребата на дрогите и поседувањето заради лична употреба да се креира во еден инклузивен процес, во кој главен збор ќе имаат експертите, а во соработка со клучните доносители на одлуки заедно со професионалците кои директно ги практикуваат законите, граѓанскиот сектор и луѓето од заедницата ќе се креира соодветен национален модел на декриминалзиација на употребата на дроги и поседување заради употреба кој ќе биде спроведлив во пракса.
- Декриминализацијата на употребата на дрогите и декриминализација на поседувањето на дроги заради лична употреба не претставува легализација на дрогите како недозволени супстанци, туку претставува ослободување од прогонот и стигмата на луѓето кои употребуваат или се зависни од дроги.
- Започнатиот процес за доуредување на легализацијата на производството и трговијата со канабис за медицинска употреба како и иницијативата за декриминализација на рекреативна употреба канабис има поддршка како од извршната власт така и од стручната јавност.
Веруваме дека оваа конференција ќе биде појдовна точка за промена на легислативата, за промена на праксата и за отпочнување на процесот на креирање и воспоставување на соодветен национален модел за декриминализација на употребата на дроги и поседувањето заради лична употреба.