Уште четири членки на ЕУ подготвени да ја признаат палестинската држава „кога ќе бидат соодветни околностите“

Само десет од 27 земји-членки на ЕУ во моментов ја признаваат Палестина како држава.

од Бети Божиноска
309 прегледи

Ирска, Малта, Словенија и Шпанија денеска изразија подготвеност да ја признаат државата Палестина како „единствент начин за постигнување мир и безбедност“ во регионот зафатен од војна, пренесува „Еурактив“.

„Разговаравме за нашата подготвеност да ја признаеме Палестина и рековме дека тоа ќе го направиме кога таа ќе може да даде позитивен придонес и кога околностите ќе бидат соодветни“, напишаа лидерите на четирите земји во заедничката изјава по самитот на ЕУ во Брисел, без да прецизираат  какви „околности“ ќе опфати ова.

На прашањето кои услови треба да се исполнат, шпанскиот премиер Педро Санчез рече:

„Мора да одлучиме кога ќе го направиме тоа, кога ќе придонесеме за решение и затоа, тоа е прашање на политичка проценка. Време е ова признание да помогне во мировниот процес, да се стави крај на насилството, а со тоа и да се воспостави траен мир, со безбедност и со взаемно признавање од арапската заедница кон израелската држава и од остатокот од Западот кон палестинската држава“.

„Да не заборавиме дека повеќе од 130 земји во светот кои веќе ја признаа палестинската држава и затоа, ние зборуваме за Западот во основа и конкретно за Европската унија, за многу земји во ЕУ“, рече Санчез.

Само десет од 27 земји-членки на ЕУ во моментов ја признаваат Палестина како држава.

Во Шпанија и Ирска, признавањето е дел од владината програма. Малта го призна правото на Палестина на држава во 1988 година заедно со источноевропските држави Бугарија, Чешката Република, Романија и Словачка, но никогаш целосно не ја спроведе одлуката.

Прашан за овој потег, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел рече дека „идејата е да се започне процес, можно да се земат предвид чекорите што можат да се направат од двете страни“.

Потегот доаѓа еден ден откако лидерите на ЕУ направија пробив во четвртокот и повикаа на „итна хуманитарна пауза што ќе доведе до одржлив прекин на огнот“ во Газа и го повикаа Израел да не започнува голема копнена офанзива во најјужниот град Рафа.

ЕУ се бореше за единствен одговор на воената операција на Израел по нападот на 7 октомври од страна на Хамас. ОН и хуманитарните организации предупредуваат на ризикот од глад, а лидерите на ЕУ повикуваат на „целосен, брз, безбеден и непречен хуманитарен пристап до Газа.“

Тие, исто така, ги оживеаја напорите кон мировниот процес на Блискиот Исток, за кој ЕУ подготви план за „кредибилно, сеопфатно решение“ на израелско-палестинскиот конфликт.

„Сите се согласивме дека единствениот начин да се постигне траен мир и стабилност во регионот е преку имплементација на решението за две држави, при што израелските и палестинските држави ќе живеат рамо до рамо, во мир и безбедност“,напишаа четворицата лидери на ЕУ во нивното соопштение.

Слични содржини