УСПЕШНА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ПРОЕКТОТ НА МОТ ЗА ЗАЈАКНУВАЊЕ НА СОЦИЈАЛНИОТ ДИЈАЛОГ

од Vladimir Zorba
275 прегледи

Меѓународната организација на трудот го реализираше тригодишниот проект за Зајакнување на социјалниот дијалогфинансиски поддржан од Европската Унија. Проектот започна во јануари 2019 година и завршува на 31 декември оваа година.

Целта на проектот беше да го подобри социјалниот дијалог како средство за создавање повеќе и подобри работни места. Проектот го поддржа учеството на институциите за социјален дијалог во креирањето политики на национално и локално ниво и практиката на редовни консултации преку националниот и локалните економско-социјални совети.

Создадени се услови социјалните партнери да бидат подобро подготвени за да обезбедат квалитетни совети за политиките, како и услуги насочени кон побарувачката   на нивното членство.

Зајакнувањето на социјалниот дијалог се одвиваше преку три компоненти. 

Првата компонента се состои од подобрување на функционирањето и видливоста на Економско-социјалниот совет (ЕСС) преку вклучување во општествените текови, дискутирање на клучни теми од економско-социјалната сфера и давање информирани мислења и предлози, базирани на анализи. Тука влегува целосна вклученост во креирањето на пакетите за поддршка на економијата во услови на КОВИД 19 кризата, дискусијата на модалитетите за работа на далечина, новиот закон за работните односи, минималната плата и неделата како неработен ден. 

Фокусот на втората компонента беше подобрување на социјалниот дијалог на локално ниво, преку подобрување на структурата и функционирањето на локалните економско-социјални совети (ЛЕСС), со можност за заживување на оние кои не функционираат. Во овој сегмент се создаде и спроведе локално партнерство за вработување (ЛПВ),  со фокус на предизвиците со невработеноста кај младите, децентрализирано спроведување на националните политики за вработување како и развој на локални решенија за конкретни предизвици во вработувањето на општинско или регионално ниво.

Третата компонента имаше за цел да ги зајакне видливоста, значењето и капацитетот на синдикатите и на организациите на работодавачи. Со оглед на предизвиците со кои се соочуваат социјалните партнери со задржување и зголемување на членството, проектот се фокусираше на зајакнување на капацитетите на социјалните партнери, преку развој и креирање нови услуги, согласно побарувачката, со цел зголемување на нивото на задоволство кај постојните членови, зголемување на атрактивноста на организациите за потенцијалните членови, што, пак, ќе резултира со поширока и порепрезентативна база на членови и подобрен квалитет на советите за политики.

Во текот овие три години се спроведоа две успешни кампањи од кои едната беше за работнички права со фокус на вработените, работодавачите и младите во процес на образование а втората од аспект на формализирање на работата. Кампањите се од особена важност за сите вработени, непријавени лица, и нивните права на работата/правата што произлегуваат од работен однос.

Во текот на проектот беа реализирани голем број активности од важност за националниот и локален пазар на труд. Направена беше дијагноза на локалните пазари на трудот за 12 општини каде што има локални економско-социјални совети. Имплементирано е едно локално партнерство за вработување Стартап центар Битола, кое резултираше со 35 вработувања, од кои 10 преку програмата за стартапи, 10 преку обуката за напредни ИТ вештини, и 15 преку Саемот за кариера, а дополнително беа поддржани уште 8 локални стартапи.

Меѓу новите воведени услуги од страна на социјалните партнери се истакнуваат целосна дигитализација на Сојузот на синдикатите, преку апликацијата за пријава на повреда на работнички права и  Синди Е-советник; платформата за е-обука и сеопфатното истражување за плати на Организацијата на работодавачи на Македонија; платформата за бизнис поддршка на Бизнис конфедерација на Македонија; платформа за зачленување на работници во нестандардни облици за вработување и центарот за бесплатна правна помош на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија; и СОС линија за пријава на вознемирување и насилство на работното место на Унијата на независни и автономни синдикати на Македонија.

Проектот беше наменет за членовите на Економско-социјалниот совет и неговиот Секретаријатот, Министерството за труд и социјална политика, локалните економско-социјални совети, организациите на работодавачи и синдикатите.

Крајните корисници се работодавачите и работниците и општата јавност на Република Северна Македонија.

Глобално, како и во земјава, МОТ се стреми кон поддршка и создавање на поотпорни општества преку промоција на вработувањето и достоинствената работа, и овој проект претставува чекор во оваа насока.

Слични содржини