Усвоен буџетот за 2019 година на општина Прилеп

од Vladimir Zorba
88 прегледи

Прилепските советници денеска на седница го одобрија буџетот за 2019 година кој според градоначалникот Илија Јованоски, е развоен бидејќи капиталните проекти учествуваат со 48 проценти од расходите. И приходите и расходите бележат раст од близу 12 проценти.

– Вкупните приходи во буџетот за 2019 година се проектирани на 1.298.963.649 денари, што во споредба со минатогодишниот, бележат пораст  од 11,94 отсто. Приходите во основниот буџет се проектирани на 515,9 милиони денари и во однос на буџетот од минатата година имаат намалување од 6,08 отсто. и се врз основа на прибирањето на даноците: персонален данок, данок на имот, даноци на специфични услуги, такси за користење и дозволи за вршење дејност, неданочни приходи, капитални приходи, трансфери и донации и пренесени вишоци, истакна во своето излагање градоначалникот Јованоски.

Расходите во буџетот се проектирани на 1.289.963.649  денари и во однос на буџетот од 2018 година бележат пораст од 11,4 проценти. Расходите, како и приходите на основниот буџет се проектирани на 515,9 милиони денари.

Приоритет во наредната 2019 година, им се дава на капиталните зафати: изградба, санација и реконструкција на улици и локални патишта, изградба и одржување на паркови и зелени површини, реконструкција на булеварот „Гоце Делчев“ и улицата „Прилепски бранители“, реконструкција на мостот на улица „Трајко Николоски“, на градскиот стадион „Гоце Делчев“, изградба на кејски ѕидови на градската река, како и уредување на инфраструктурата на индустриската зона „Прилеп“.

Прилепските советници расправаа и за финансиските планови на јавните претпријатија, а ја усвоија и Програмата за комуникација и односи со јавност за 2019 година.

Претседателот на општинскиот совет Миле Талевски напомена дека покрај реконструкцијата на патната инфраструктура, со цел до крајот на 2019 година да нема повеќе неасфалтирани улици на територијата на градот, ќе бидат реконструирани основните и средните училишта, а ќе се подобрат и условите во детските градинки.