Гласањето за резолуцијата со која се предлага Генералното собрание на ОН да и додели на палестинската држава полноправно членство во Обединетите нации ќе се одржи утре, најави заменик-амбасадорот на Русија во таа организација Дмитриј Полјански.
Тој во објава на „Телеграм“ наведе дека до Советот е доставена кратка нацрт-резолуција и дека гласањето ќе се одржи утре во 21:00 часот.
Палестинската управа формално побара од Советот на почетокот на месецот да разгледа за нејзино полноправно членство во ОН. Барањето беше поддржано од Арапската група, Организацијата за исламска соработка и Движењето на неврзаните.
Полјански нагласи дека Русија го поддржува барањето на палестинската управа.
Одлуката за членство ја носи Генералното собрание, по препорака на Советот за безбедност.
За предлогот да биде проследен до Собранието, потребни се девет гласа „за“ во Советот за безбедност, под услов ниту еден од постојаните членови на Советот да не стави вето.