Вајда: Новак не завршил, но Синер сега е најсилен…

од Vladimir Zorba
467 прегледи

Марјан Вајда (59) не зборува често за медиумите, но кога зборува – Новак Ѓоковиќ е неизбежна тема. Така беше и во интервјуто што Словакот, тренерот кој 15 години работеше со Ѓоковиќ, освои 85 титули, од кои 20 гренд-слема и 37 мастерс го даде за порталот „Убитенис“.

Сепак, започна со споменување на две други имиња.

Запрашан кој е моментално најсилниот играч на АТП турнејата, Вајда го издвои Јаник Синер.

– Би рекол Синер. Минатата година играше импресивен тенис, а оваа година само напредуваше и покажа дека тоа може континуирано. Мислам дека е голем фаворит да стане светски „бр.1“. Исто така, Карлос Алкараз го сметам за многу силен тенисер, но Синер во овој момент изгледа многу поконцентриран да го достигне врвот – смета Вајда.

Следеше прашањето за Ѓоковиќ и неговото излегување од сцената, со изјавата дека тенискиот свет очекувал оваа година да ја продолжи борбата со Синер и Алкараз, но испадна поинаку.

– Мислам дека Новак се обидува да се прилагоди и да го најде вистинскиот баланс. Тој веќе не може да ги игра сите турнири како порано. Календарот е полн, тој едноставно мора да бира. Најголема мотивација за него се Гренд слемовите и Олимписките игри, па мора да се посвети на подготовките и добро да тренира за да влезе во форма. Реално, веќе не може да биде подеднакво сконцентриран на другите турнири – изјави Вајда, кој го знае српскиот ас „во душа“, иако не соработуваат од 2022 година.

– Мислам дека вистинското прашање е дали ќе може да продолжи со победи и титули со овој нов метод на работа. Зашто, кога прескокнувате турнири, може да се случи да се соочите со најважните помалку подготвени од ривалите кои постојано играат – вели Вајда, но и потсетува:

– Сепак, Новак знае како да го направи тоа, тој е многу интелигентна личност и ниту еден од неговите најголеми конкуренти нема ни приближно толку искуство како него. Минатата година тој исто така пропушти некои важни турнири како Индијан Велс и Мајами, а потоа го освои Ролан Гарос, го играше финалето на Вимблдон и го освои УС Опен. Така, ако ме прашате мене, мислам дека не завршил со освојување титули и оваа година ќе го потврди тоа по којзнае кој пат.

Слични содржини