Веднаш пријавете! Народната банка предупредува за обиди за измама преку лажни телефонски повици, е-маил или СМС

од Илинка Илиоска
848 прегледи

Народната банка ги информира и предупредува граѓаните за обиди за измама преку телефонски повици од непознати лица кои се претставуваат во име на банката. Овие лица се обидуваат противправно да остварат финансиска корист и/или да приберат лични податоци кои потоа можат да бидат злоупотребени.

Народната банка истакнува дека нема никаква поврзаност со овие лица и апелира до граѓаните да не откриваат лични податоци, ниту да преземаат активности согласно барањата од непознатите лица. Граѓаните се советуваат да бидат внимателни и да не започнуваат комуникација во која ќе дадат свои лични податоци или ќе одговорат на барања за трансакции/уплати на банкарски сметки.

-Во случај да добиете неочекувани телефонски повици, е-маил или СМС пораки од сомнителни адреси или телефонски броеви, во кои ви се нуди нешто што не изгледа реално или вистинито, или се бара откривање на лични податоци, не давајте никакви информации и не вршете уплати на средства, наведено е во соопштението.

Народната банка уверува дека ниту еден претставник или вработен на банката нема да побара од вас број на сметка, ПИН или други лични податоци, ниту да бара уплата на средства на одредена банкарска сметка. Доколку добиете повик или порака од лице кое се претставува како вработен во Народната банка, а имате сомневање за неговата автентичност, веднаш пријавете го случајот на официјалната е-адреса: [email protected].

Слични содржини